
„Се бараат одредени формулации кои што ја негираат посебноста на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Се бара негирање на постоење на национално малцинство чии што права се признаени согласно највисоки меѓународни стандарди, меѓународни договори ратификувани од двете држави. И во таа смисла имаме еден пакет на апсурдни барања кои што се очекува од нас да се прифатат. Тоа е далеку од вредносниот систем на 21 век“, нагласи Тимчо Муцунски, пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ на утринска програма на телевизија Алфа.
Муцунски додаде дека со овие барање оди спротивно од вредносниот систем на ЕУ.
„Однесувањето на Бугарија како една од најновите членки на ЕУ е тотално спротивставена со тој концепт на градење на цврста Европа но е и тотално спротивставен со основачките акти на кои што се создава и самата унија т.н. фундаментални вредности, т.н. критериуми“, истакна Муцунски.
Муцунски посочи дека мора да се направи се за да се спречи вакво однесување на Бугарија, ова води до негативни импликации на земјата па и самата Унија. Ова е далеку од едно рационално однесување на Бугарија.