
Основниот суд Скопје 1 информира дека за време на денешните протести, кои се случуваат на Бит Пазар поради пресудата за случајот „Монструм“, нема повредени, туку е направена само материјална штета.
Имено, од Судот во соопштението велат дека за време на протестот кој попладнево се одржа на повеќе места во главниот град, меѓу кои и пред Кривичниот суд, беа оштетени неколку прозорци на зградата, но не беше повреден ниту еден вработен во судот.
„Вработените останаа на своите работни места и професионално си ги извршуваа своите работни задачи и покрај недоличното однесување на граѓаните кои излегоа на таканаречените мирни протести“, се вели во соопштението.
Оттаму додаваат и дека за инцидентот е информирано Министерството за внатрешни работи, а материјалната штета дополнително ќе се проценува.