
Новогодишните и божикните празници, Грците ќе ги минат со затворени кафулиња и угостителски објекти, со оглед на тоа дека заедно со училиштата, објектите за забава, судовите, спортските активности и ски центрите во цела Грција ќе останата затворени до 7-ми јануари 2021 година, како што соопшти во понеделникот портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас на редовниот брифинг со новинарите.
Воедно, до истиот датум продолжена е и забраната за јавни собири, но и полицискиот час што е веќе во сила, а забрането е и патување меѓу региони.
За сите оние кои се вратат од странство во Грција, ќе треба да имаат негативен ПЦР тест, ќе бидат подложени на рапид тест при пристигнувањето, а за периодот од 18 декември до 7 јануари ќе треба да бидат во десетдневен превентивен карантин.
За работата на црквите, фризерските салони и продавниците за малопродажба што се затворени поради карантинот, Пецас рече на крајот од седмицава Владата ќе излезе со соопштенија, а за работата на црквите за време на божиќните и новогодишните празници, грчкиот премиер во следните денови ќе стапи во контакт со поглаварот на Грчката православна црква.