Дваесет европратеници ја повикуваат ЕУ да започне преговори со Македонија

Во изјава потпишана од дваесет европратеници, од вкупно 705, се повикува Бугарија да ја одобри преговарачката рамка на Европската унија за Македонија и да се овозможи прогрес и за Албанија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Пратеници од сите политички партии во Европскиот Парламент бараат да не се испушти денешната шанса за зелено светло за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на оваа година.

„Предупредувајќи дека блокирањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија го загрозува кредибилитетот на Европската унија на западниот Балкан, тие ги повикуваат Бугарија и Македонија да изнајдат компромис за билатералните прашања за да се избегне натамошно одлагање на процесот“, стои во писмото.

Бугарија, повикуваат европратениците, треба да го одобри отворањето на меѓувладината конференција со Македонија што е можно побрзо и со тоа да оддаде признание за напорите на земјата во пристапниот процес кон ЕУ. Тие ја повикуваат македонската страна исто така „да го вложи секој можен напор“ за решавање на споровите.

Албанија, која исто така нема да добие зелено светло денеска бидејќи дебатата за проширувањето е отстранета од дневен ред и фигурира само како информативна точка, треба да добие признание за своите реформски напори, велат европратениците.

Писмото е потпишано од известувачот за Македонија во европарламентот, бугарскиот пратеник Илхан Ќучук, како и од други пратеници добро познати на македонската јавност: Тања Фајон, Дејвид Макалистер, Рајнхард Бутикофер и други