По налог на германскиот суд и по успешната тужба на еколошките здруженија, американската технолошка корпорација „Tesla“ мора да ги запре подготвителните работи за изградба на својата фабрика за електрични автомобили во близина на Берлин.
Како што пренесува во вторникот BBC, водечкиот светски произведувач на електрични автомобили ја крчел шумата во близина на германската престолнина за својата прва фабрика на автомобили и батерии во Европа, но противниците на ваквиот потег тврдеа дека тоа ќе ги загрози природните живеалишта на змиите и гуштерите.
Судот во Франкфурт наредил запирање на расчистувањето на шумата, во исчекување на новите истражувања за влијанието врз природната околина.
Сличен судски налог беше издаден за „Tesla“ на почетокот од годинава, кога американската компанија планираше ткн гигафабрика во Гринхајде, во источната сојузна покраина Бранденбург. Како причина тогаш беа наведени загрозеноста на растителниот и животинскиот свет, како и снабдувањето со вода.
Од „Tesla“ јавно не ја коментираа најновата судска одлука којашто е резултат на судската постапка со Унијата за зачувување на природата и биоразновидноста (NABU) и Зелената лига. Конечната пресуда за овој случај допрва се очекува.
Здруженијата тврдат дека дефорестацијата ќе ги уништи живеалиштата на песочните гуштери и на неотровните обични шарки. Двата животински вида се заштитени со законот. Еколошките здруженија ги загрижува и тоа што идните работи на теренот може да ги загрозат влекачите и во текот на зимската хибернација.
„Ниту Tesla не е над законот“, коментирал Хајнц Хервиг Машер, претседател на Зелената лига.
Челникот на „Tesla“, Илон Маск, ланскиот ноември громогласно го најави планот за изградба на фабриката којашто со производство би започнала на 1-ви јули 2021 година, со годишно производство од 500.000 автомобили.
Случајот со „Tesla“ предизвика и големи конфронтации меѓу активистите за заштита на природата и две партии во Германија: Христијанско-демократската унија (CDU) на канцеларката Ангела Меркел и либералната Слободна демократска партија (FDP) или поранешните Слободни Демократи, коишто стравуваат дека овој процес може да му наштети на имиџот на Германија како земја посакувана за деловно работење и инвестиции.
„Tesla“ ја доби дозволата од германското министерство за природна околина да ги започне работите на локацијата, но „на сопствен ризик“. Планот на американската компанија беше да расчисти земјиште со површина од 300 хектари на коешто се простираат 92 хектари шума, меѓутоа конечното одобрување го даваат локалните власти кои ги уважиле приговорите на еколошките здруженија.
„Tesla“ веќе има две ткн гигафабрики во САД, и една во кинески Шангај.
На почетокот од 2020 година американската ја надмина јапонска „Toyota“ произведувач на автомобили со најголема вредност во светот. Пазарната вредност на „Tesla“ експлодираше годинава откако инвеститорите започнаа посилно да вложуваат во компанијата, имајќи ја предвид сѐ поизвесната иднина во која сите возат електрични автомобили.