
Драматична е состојбата во земјоделието, како и во другите стопански сектори, а за тоа говори и последното случување за откупот на тутунот, кога цената на тутунот е на најниско ниво во последните 15 години, а еден килограм тутун вреди колку кутија цигари, истакна во средата Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на прес- конференцијата во која ја изнесе оцената за 100-те дена на Владата на СДСМ и премиерот Зоран Заев.
„Во земјоделието состојбата е драматична. Цената на тутунот е на најниско ниво во последните петнаесетина години. Килограм тутун вреди колку кутија цигари, додека Владата на Заев дозволи увоз на тутунот. Последните денови гледаме дека оризопроизводителите се буквално во агонија поради историски најниската откупна цена за оризопроизводителите. Во овие сто дена лозарите го фрлаа грозјето по нивите затоа што исто беа измамени од владата. Во овие сто дена немаше ниту субвенции за житните и градинарски култури, без субвенции останаа и оние со лозов и овошен насад“, рече Мицкоски.
Притоа се осврна и на еколошката катастрофа, додавајќи дека природните и вештачка езера се на биолошкиот минимум а власта од таквото празнење прави бизнис.
„Акумулациите, езерата се целосно испразнети. Еколошка катастрофа буквално во секој поглед. Природните и вештачките езера се на биолошкиот минимум а власта од таквото празнење прави бизнис“, нагласи Мицкоски.