Светска банка одобри нов проект, во вредност од 21,5 милиони евра, со кој ќе се обезбеди поддршка за учениците во основното образование во државава, вклучувајќи ги Ромите, девојчињата и другите маргинализирани групи, преку воведување на подобри услови за учење и преку подобри училишта. Со проектот ќе се поддржи и спроведување современ систем за професионален развој и напредување во кариерата на наставниците, директорите и мултидисциплинарните тимови за професионална поддршка во основното образование.
Заемот од СБ во износ од 21,5 милиони евра е со рок на отплата од 11 години, вклучувајќи и грејс период од 3 години и време на спроведување од пет години. Проектот ќе биде спроведен од страна на Министерството за образование и наука, информираа денеска од Канцеларијата на СБ.
Како што соопшти Светска банка, со проектот се очекува да се поттикне заедничкиот просперитет преку обезбедување квалитетно образование за сите ученици, особено за оние од традиционално маргинализирани групи и кои обично припаѓаат на најсиромашните 40 проценти од населението. Со оваа иницијатива ќе се обезбедат подобри резултати од учењето и конечно, подобро вработување.
Директни корисници на проектот се учениците од основното образование, но поддршката ќе биде фокусирана на учениците од ранливите групи, вклучувајќи ги Ромите, девојчињата и учениците погодени од затворањето на училиштата како резултат на пандемијата со ковид-19.
Во појаснувањето за потребата од реализација на проектот Светска банка потсетува дека Индексот на човечкиот капитал за 2020 година покажал дека дете родено денес во Северна Македонија ќе има само 56 отсто продуктивност кога ќе порасне отколку што би ја имало кога би добило целосно образование и би било целосно здраво.
Исто така, велат оттаму, резултатите од меѓународните оценки на учениците, како што е ПИСА, покажуваат споредбено слабо ниво на постигнување на учениците на крајот на вишите одделенија од основното образование во Северна Македонија што укажува на тоа дека недостатоците во учењето што почнуваат уште на почетокот на основното образование, остануваат и во повисоките одделенија.
Банката оценува и дека има и голем јаз во успешноста помеѓу групите со највисоки и со најниски приходи во земјата, со заостанување на учениците од групата со пониски примања еквивалентно на две години школување. Затоа, како што велат од Светска банка, овој проект ќе придонесе за унапредување и развој на поконкурентен и поприлагодлив човечки капитал и ќе помогне да се осигури дека социјалните групи што традиционално биле маргинализирани ќе добијат подобар пристап до образовни услуги низ целата земја.