ВМРО-ДПМНЕ за изборите во Штип: За градоначалник од неколку месеци, СДСМ го загрози животот на граѓаните

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ која одлучи да не учествува на предвремените локални избори и немаше свој кандидат за избор на градоначалник во Штип, обвини дека со одржувањето на гласањето е загрозен животот на стотици граѓани кои биле дел од изборниот процес.

„Заев го загрози здравјето на штипјани, вадејќи на гласање болни од корона само да ја сочува фотелјата. Заев денес го покажа целото свое политичко лудило. Среде епидемија во Штип, дури и заразените со ковид беа носени на избирачките места заради пуста фотелја, власт и функција, со што директно се загрозува животот на стотици лица, вклучени во изборниот процес“, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие тврдат дека се вршеле притисоци, поткуп, закани и уцени врз граѓани, само за владејачката партија СДСМ да може да добие градоначалнички мандат во Штип од неколку месеци.

„Најлошо е што политичкото лудило на Заев создава нов кластер ‘избори во Штип’, чија цена се здравјето и животите на штипјани. Подеднакво одговорен за ова е и кандидатот Сашко Николов, кој по сето ова граѓаните нема да го паметат како доктор, туку како политичар за зараза. Се борел за фотелја газејќи преку докторската етика, животите на штипјани со притисоци, поткуп и закани“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.