Злоупотребите продолжуваат. Фирмите си земаа државни пари, но не исплаќаат плати. Газдите не се опаметија, а Управата за јавни приходи никако да најде начин како да им ги земе парите. 179 компании и покрај тоа што добиле, не исплатиле 86 илјади евра на 338 вработени во вид на плата за месец октомври. 24 фирми,пак, и покрај направените исправки не ги доисплатиле работниците. Директорката на УЈП Сања Лукаревска вели дека веќе им доставиле опомени, а ќе следи и спроведување на присилна наплата на плати. Дополнително, црната листа треба да ја објави Генералниот секретаријат на Владата за јавноста да знае за кои фирми станува збор и таа овојпат немало да се менува. Глобите се движат од 500 до 10 илјади евра зависно од големината на компанијата. Ќе има и кривична одговорност.
И покрај сите преземени постапки изминативе месеци, 55 фирми се уште не исплатиле плата за април, 48 за мај и 82 за јуни. Директорката Лукаревска признава дека системот потфрлил и дека глобите можеби биле недоволни. Се надева дека јавно објавените листи и кривичните постапки ќе спречат натамошни злоупотреби на помошта за ноември и декември.
Најголем дел од фирмите кои земале, а не исплатиле пари за октомври се од Скопје, Тетово и Гостивар. 40 од нив се трговци на мало, 23 послужуваат храна, а 12 се транспортни компании. На нив им беа поделени суми помеѓу 14.500 и 21.776 денари по работник зависно од падот на приходите. Финансиска помош им била дадена вкупно на 12.600 компании за 61.556 работници.