Ризик од нови кластери и уште поголема финансиска штета ќе донесе кратењето на работното време на угостителските објекти смета Охридскиот угостителски еснаф.
Претседателот на Здружението, Михаил Мишев вели затворањето на објектите во 18 часот ќе ги натера граѓаните уште помасовно да се самоорганизираат по куќи, викендички, закупени станови каде нема да се врши контрола како кај градските кафулиња и на тој начин само ќе се зголеми ризикот од ширење на коронавирусот.
Дополнителното скратување на работното време ќе доведе до уште поголем колапс во угостителскиот сектор во туристичкиот центар кој и онака работи со преполовени капацитети и во околности далеку од вообичаените вели Мишев. Еснафот е за поголеми контроли за празниците, а не за кратење на работните часови на угостителите.
Инаку Охрид годинава за првпат ќе ја дочека Новата година без организиран пречек на Градскиот плоштад и присуство на странски туристи кои за новогодишните и божиќните празници го преплавуваа градот, хотелите и рестораните долж ривиерата.