Изгубен артефакт од Египет најден по 70 години во кутија за цигари во Шкотска

По повеќе од седумдесет години по исчезнувањето, фрагмент од дрво од речиси пет илјади години старата Голема пирамида во египетска Гиза случајно е пронајден во кутија за цигари на шкотскиот Универзитет во Абердин, објавија во средата научниците изразувајќи надеж дека давно загубениот древноегипетски артефакт ќе даде нови сознанија за Кеопсовата пирамида.

Пронајдениот дел од кедрово дрво е дел од трите предмета коишто во 1872 година во Кралската комора на пирамидата ја пронашол британскиот археолог Вајман Диксон. Два од нив, топка и бронзена кука коишто веројатно се користеле при градбата на пирамидата, се чуваат во лондонскиот Британски музеј, но остатоците од дрвото во меѓувреме исчезнале.

Парчето кедар, за кое исто така се верува дека е користен во текот на градењето на пирамидата, е донирано на универзитет во 1946 година, но оттогаш како да пропаднало в земја. Во 2001 година се појавила трага, се претпоставаше дека парчето дрво е дониран на шкотскиот Универзитет во Абердин, но не можело да биде пронајдено.

Кон крајот на 2019 година кустосот Абир Елдани ги прегледувала предметите во азиската музејска збирка на Универзитетот во Абердин, и притоа нашла нешто што не припаѓало во составот на збирката. Станувало збор за неугледна кутија за цигари украсена со поранешно египетскот знаме во која се наоѓале неколку парченца кедрово дрво.

Елдани, чиешто потекло е од Египет и минала десет години во Египетскиот музеј во Каиро, веднаш започнала со темелно истражување. Истражувајќи ги музејските записи, сфатила дека случајно налетала на загубениот артефакт од Големата пирамида во Гиза.

„Штом ги проверив бројките во нашиот египетски регистар, веднаш знаев за што станува збор. И претходно имам работено на археолошки ископувања во Египет, но не можев ниту да помислам дека тука, на универзитет во Шкотска, ќе пронајдам нешто толку важно за наследството на мојата земја“, додава Елдани во изјава за шкотските медиуми.

Нејл Кертис, управник на музејот на археолошки збирки на Универзитетот во Абердин, смета дека ова откритие без никакво сомнение ќе го поттикне интересот за артефактите на Диксон и дополнително ќе расветли на кој начин настанувала Големата пирамида.

Големата или Кеопсовата пирамида е висока 139 метри и е изградена пред 4.500 години. Таа е најголемата во групата пирамиди во Гиза, најстарото и единственото зачувано од седумте светски чуда во древниот свет.