
За време на традиционалното, годишно обраќање на претседателот Стево Пендаровски оваа година, бевме сведоци на одговорен пристап во согласност со државните интереси и како придонес на нашите стратешки определби, напиша премиерот Зоран Заев на својот ФБ профил.
-Придонесот што претседателот Пендаровски го даде од аспект на борбата со коронавирусот и во период кога немавме функционално Собрание, го премости периодот до изборот на новата Влада, со што се создадоа и сите предуслови за решителен институционален одговор на здравствено-социјалната и економската криза. Го поздравуваме фактот што со претседателот Пендаровски сме едномислени во однос на одбраната на државните позиции и интереси за нашата иднина во ЕУ, како и во пристапот за решенија за прашањата со Бугарија, наведува Заев.
Тој додава дека од обраќањето на претседателот на државата е јасно дека делат заеднички став и едногласност дека за македонските идентитетски прашања – јазикот и националната припадност како Македонци, нема преговори.
-Тие се потврдени и меѓународно признаени. Се потврдува и нашето заедништво и благодарност и во однос на поддршката што ја добиваме од албанскиот и од сите други народи во нашата земја, за разбирањето за нашите напори да го сочуваме и промовираме македонскиот идентитет. Тоа е силна потврда и на нашето заедничко чувство дека државата доби многу со членството во НАТО, но и силна поткрепа на нашата категорична определба дека полноправното членство во Европската Унија нема алтернатива, наведува Заев на ФБ.