Во Владивосток, на Далечниот исток на Русија, отворен е првиот единствен услужен простор во земјата во кој се сместени ограноците на американската франшиза за брз храна „McDonald’s“ и на руската државна банка „Сбербанк“, пренесе во вторникот агенцијата РИА.
„Отоворањето на колокацијата во Владивосток е уште еден важен чекор во развојот на стратешкото партнерство меѓу нашите компании. Тој е насочен кон развојот на нови концепти на услугите, истражување на потрошувачкиот пазар и создавање дигитален екосистем, што отвора нови можности за нарачки преку интернет и ни овозможува да ги одредиме најдобрите локации за отворање нови продажни места“, го цитира агенцијата првиот заменик на претседателот на управата на „Сбербанк“, Александар Ведјакин.
Извршниот директор на „ McDonald’s“ за Русија, Марк Карен, изјавил дека овој иновативен концепт е резултат на договор за парнертство меѓу двете компании потпишан минатата 2019 година.
„Нашите компании се водечки во своите области во Русија, така што заедно ќе можеме на пазарот да му претставиме единствени решенија осмислени за искуството на потрошувачите да го донесеме на ново ниво. Многу сум среќен што жителите на Далечниот исток, новиот регион за ‘McDonald’s’, ќе можат да ги почувствуваат благодатите од ова партнерство“, изјавил Карен.
Минатата година „Сбербанк“ и „McDonald’s“ спроведоа пилот-проект за лансирање на новиот формат на услуги во филијалата на банката во Москва. Сепак, таму можеше да се купи само кафе, а храната требаше да се нарача.