Случај 27-ми април: Доказите на Рускоска се фалсификувани и лажни?

Некои од доказите на обинителката Вилма Рускоска и нејзиното обвинителство во случајот за т.н. „организирање на 27-ми април“ се неверодостојни, бидејќи е можно да биле преправани и во нив да бил додаван или одземан материјал, ова е заклучокот после сведочењето на вештото лице проф. д-р Мирослав Котевски кој на барање на одбраната во случајот правеше анализа на понудените докази од страна на Рускоска кои се во врска со наводните телефонски комуникации на обвинетите.

На денешното рочиште за ткн. организирање на „настаните на 27-ми април“ вешто лице сведочеше за доказите изведени од телефонски разговори кои ги понуди обвинителката во предметот Вилма Рускоска, и според вештакот проф. д-р Мирослав Котевски, доказите кои ги приложила обвинителката пред судот кога го подигнала обвинението не биле запечатени односно заштитени од промени, поради што тој се сомнева дека е можно некој да ги променувал, односно да направил фалсификат.

Според д-р Котевски, постојат неколку причини поради кои се сомнева дека е можно доказите на Рускоска да бидат прогласени за потенцијално неточни и корумпирани, односно дека на нив судот не би смеел да потпре мислење и пресуда.

Првата и основна причина е тоа што доказите се фактички податоци во „ексел“ фајл кој не е заштитен, односно наместо „запечатен“ фајл во кој никој нема да може да преправа податоци согласно нечии потреби и спротивно на закон. Вештакот ја изрази својата зачуденост што овие податоци не биле запечатени, односно подложни на промена бидејќи откако излегле од мобилните оператори, па се до поднесување на обвинение, народски речено „секој можел“ да го корегира доказот на Рускоска доколку имал пристап до него.

„Вакви EXCEL датотеки може многу лесно и едноставно да се модифицираат, односно да се изврши менување на содржината на секоја келија пединечно, односно постои можност секој поединечен податок да биде променет. Дополнително, во ваквите датотеки може да се креираат непостоечки (фиктивни) нови записи кои никогаш реално како настан не постоеле. Тоа може да бидат текстуални пораки кои не биле разменети помеѓу два мобилни телефонски броја или две лица, говорна комуникација меѓу две лица која никогаш не била реализирана или приклучувања кон глобалната интернет мрежа… Материјалните докази кои ми беа предадени од страна на одбраната не содржат никаква заштита на датотеките (“xls” фајловите) со што се нарушена нивната доверливост како податоци“, стои во вештачењето кое проф. д-р Котевски го изработил за потребите на одбраната.

Втората причина, поврзана со првата, е што тој при вештачењето забележал во неколку прилики неконзистентни податоци во телефонските листинзи, односно се сомнева дека е можно навистина некој да додавал неостварени телефонски разговори и наводни смс пораки помеѓу одредени лица.

Иако во суштина податок кој со кого разговарал по телефон или се допишувал, без да се има содржината на комуникацијата, не е никаков доказ за ништо – никаде во светот, сепак расветлувањето на можноста дека некој ги корумпирал, фалсификувал и променил доказите откако тие пристигнале во Обвинителството на Рускоска, фрла дополнително светло врз сите матни игри позади процесите за 27-ми април.

Стручната јавност е добро запозната со „нематеријалните докази“ кои ги понуди Александар Василевски Нинџа, човек кој досега има 4 или 5 различни верзии за настаните на 27-ми април, од Кацарска доби најмала казна, а од Рускоска „чест“ една од тие верзии да и биде темел на случајот за т.н. организирање на немилите настани.

Се чини дека од денес не само нематеријалните, туку и материјалните докази кои ги нуди Рускоска се – корумпирани.

„Материјалните докази кои ми беа предадени од страна на одбраната не содржат никаква заштита на датотеките (“xls” фајловите) со што се нарушена нивната доверливост како податоци“, наведува професорот Мирослав Котевски.

Според него, во вакви незаштитени електронски докази секој кој имал контакт со нив до моментот на поднесување на обвинението можел да направи промена, односно фалсификат.

Индиции за можно фалсификување на доказите има поради неколку утврдени непостојани податоци од страна на вештакот, односно одредени разговори кои се запишани во една ексел табела, не се забележани во три други ексел табели во кои исто така би морало да ги има. Според вештото лице професор Котевски, ова е доволна причина да се посомнева во кредибилноста и веродостојноста на доказите.

„Ова наведува на заклучок дека доверливоста на xls фајловите кои се дел од доказните материјали е проблематична“, заклучи проф. д-р Котевски на денешното рочиште кое започна со проблеми откако Рускоска во судот донела погрешен советник кој не бил од полето на стручност на Котевски.

Кој и зошто би фалсификувал докази е прашањето кое треба да си го постави секој кој и досега ги следел ваквите индиции во овој случај, пред се поврзани со четирите различни верзии на сведокот соработник Александар Василевски Нинџа кои нему му донесоа казна под минималната, на 15 други луѓе над 200 години затвор, а на Рускоска ново обвинение за т.н. организирање на настаните на 27-ми април.