Директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми вечерва изјави дека се на добар пат да докажат каде завршиле парите од „Еуростандард банка“.
– На добар пат сме да ја докажеме одговорноста на сите вмешани страни кои се дел од оваа алка – рече Муареми во гостувањето во Телевизија 24.
Тој истакна дека за „Еуростандард банка“ постапуваат по неколку добиени наредби од Обвинителство за организиран криминал и корупција.
– На почеток мислевме дека не е толку организирано, но кога веќе почнавме да истражуваме во самата банка и по добиените банкарски сметки од неколку фирми, веќе утврдивме голема мрежа која може да кажеме дека не се работи за 140, туку за повеќе фирми – нагласи Муареми.
Тој посочи оти е факт дека кога се работи за јавните пари секогаш постои ризик за корупција.
– Тешко е да докажеме каде завршуваат парите, бидејќи не секогаш тие завршуваат во нашата држава, некогаш се прелеваат во друга дражава. Големиот дел на корупцијата од тоа доаѓа – посочи Муареми.
Управата за финансиска полиција, како што додаде тој, веќе почнала предистражна постапка за две-три други банки, кои постапувале на сличен начин, но разликата е во тоа што другите банки го искористиле заложното право.
МИА