Во Србија пробно пуштен во работа гасоводот Балкански тек

Гасоводот Балкански тem пробно е пуштен во употреба, објави во петокот белградскиот дневен весник Вечерње новости.

Во моментов се тестираат автоматиката и контролните системи, се проверуваат диспечерските станици, вентилите, оптиката и напојувањето, со цел да се создадат услови тој енергент од правецот на Бугарија да потече од 30-ти декември, наведуваат Новости.

Во веста се наведува дека еден од најважните проекти со кој се зајакнува економската и геостратешката позиција на Србија се приведува до крај.

Кога гасот официјално ќе потече низ магистралните српски цевки, од Зајечар до Хоргош, Србија ќе ја подобри енергетска безбедност и се создаваат предуслови цената на гасот да биде поповолна за стопанството и населението, додека земјата ќе биде попривлечна за инвеститорите.

Исто така, весникот потсетува дека се планира зајакнување на мрежата, бидејќи е предвидена изградба на секундарен цевковод, со цел да се донесе гас до Владичин Хан, Љубовија, Бајина Башта и на други места.

На почетокот, низ цевките првенствено ќе тече руски гас, но во иднина можно ќе биде снабдување и од други извори. Гасоводот ќе биде двонасочен, што значи дека Србија ќе добива гас и од Бугарија и од Унгарија.

„Цевките на интерконекторната граница Бугарија – Унгарија наполнети се со гас и во тек се тестирање на сите системи неопходни за сигурно и непречено работење на гасоводот, кој е дел од внатрешниот гасен транспортен систем на Србија“, вели  извршниот директор на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ за Вечерње новости.

Според него, гасоводот ќе биде подготвен за оперативна работа на 30-ти декември, а Србија ќе се снабдува со гас од Бугарија на 1-ви јануари.

„Ова значи дека можеме со гас да го снабдуваме населението и економијата од правец на Бугарија, што покрај постојната насока од Унгарија сега претставува нови можности, но и поголем степен на безбедност на снабдување на пазарите на Србија, Република Српска и Федерацијата на БиХ. Ова е добра вест за сите потрошувачи, бидејќи и цената ќе биде поповолна“, вели Бајатовиќ.

Српскиот гасовод долг е 403 километри и се протега од Зајечар до Хоргош, а целата работа е завршена за дваесет месеци.

Вечерње новости потсетува дека во план е компресорската станицата во Србија да биде готова во мај следната година, а на Бугарија и останува да заврши уште две станици. Се додава дека во Србија работите на блокот и на мерните станици треба да бидат завршени, а според Министерството за рударство и енергија, сегашниот притисок е доволен и тоа не го попречува пуштањето во употреба на Балкански тек.

„Откако компресорските станици ќе бидат во функција, гасоводот ќе работи со полн капацитет и ќе може да снабдува клиенти во Унгарија и Австрија“, објасниле од министерството и посочиле дека Србија сега сите потребни количини може да ги добие од оваа насока.

Изградбата на Турски тек започна во мај 2017 година, а на 8-ми јануари годинава во Истанбул беше пуштена во употреба делница од гасоводот на церемонија на која присуствуваше српскиот претседател Александар Вучиќ заедно со рускиот и турскиот претседател Владимир Путин односно Реџеп Тајип Ердоган и премиерот на Бугарија, Бојко Борисов.

Должината на гасоводот е 930 километри, со вкупен капацитет од 31,5 милијарди кубни метри гас годишно и тој е поставен по должината на Црното Море од Русија до брегот на Турција, а потоа оди по копно до границата со соседните земји.