Почина Пјер Карден

Pierre Cardin poses in the 'Pierre Cardin Evolution Boutique' as part of an Opening Cocktail at Musee Pierre Cardin on November 13, 2014 in Paris, France. (Photo by Pascal Le Segretain/Getty Images)

Славниот моден дизајнер Пјер Карден почина на 99-годишна возраст во вторникот утрото во американската болница во предградие на Париз, соопшти неговото семејство за агенцијата AFP.

Пјер Карден е роден на 2-ри јули 1922 година како Пјетро Кардини во земјоделско семејство во италијанската општина Сан Бјаџо ди Калалта, во регионот на Венеција.

Кариерата ја започнал ако кројач и театарски уметник. Во доцните 40-ти години од минатиот век работел во ателјето на славниот Кристијан Диор, за неколку години подоцна да создаде сопствена модна куќа, а подоцна и бутик за мебел во Париз. Заедно со Андре Куреж и Пако Рабан, Карден учествува во заживувањето на високата мода во повоена Франција.

Дизајнирал и патентирал повеќе од 500 модни додатоци и решенија, меѓу кои се разнобојните чорапи, високите чизми, мини-сарафани и „цветни“ вратоврски. На пример своевремено членовите на некогаш ултра-славната британска група The Beatles настапувале во палта без крагни од Карден. Во светот на мода е запаметен и по дизајнирањето на костимите и вечерните тоалети за славната руска балерина Маја Плисецкаја, којашто ја сметал за своја муза.

Во Франција модниот дизајнер основа свој музеј, кој се наоѓа во Сен-Оан близу Париз, каде што се изложени неговите најоригинални дела. Како што велеше самиот Карден: „Талентот и вкусот не се доволни, стилот одлучува за сѐ“. Неговата модна куќа затоа ја нарекуваат и „креативна лабораторија“.