Македонец ја нуди својата куќа во Скопје за погодените од земјотресот

По серијата замјотреси што ја погодија Хрватска изминатите денови, многумина се понудија за помош, па на најпогодените кои ги загубија своите домови им нудат смештај, храна и сè што им треба да се снајдат по непогодата.

На социјалните мрежи се објавуваат вакви понуди не само од Хрватска туку и од регионот, а како што пишуваат хрватските медиуми, во Фејсбук групата „Земјотрес на локација Петриња“ е објавен статус од Македонија, кој трогна многумина, пренесе „Слободна Далмација“.

„Ја нудам својата куќа во Скопје (Македонија) за 8 лица до 6 месеци (предност имаат луѓе со мали деца), исто така подготвен сум и да го платам патот до Македонија. Кога бев во тешка ситуација, една личност од Хрватска ми помогна многу, не можам да го заборавам тоа до смртта. Бог нека биде со вас браќа и сестри мои, нека ме контактираат во порака оние кои се заинтересирани. Нашите мисли се со вас, поздрав од Македонија“, напиша Денис Синед.

Ваквиот негов статус доби огромно воодушевување, по што следуваа многу повратни коментари:

„Тоа е срце македонско. Таму каде што сонцето вечно сјае, таму се нашите браќа од Македонија. Фала, фала“.

„Брате крал си, ти симнувам капа. Голем поздрав од Умаг“.

„Фала, плачам и не верувам. Има надеж за нас, има луѓе сè уште. Фала му на Бог, да те чува и благослови“.