Во секоја нормална држава злоупотребата на лекари во политички цели ќе резултира со оставка на министерот веднаш. Наместо да ги остави лекарите да си ја работат работата и да спасат човечки живот тие ги малтретираат да бидат статисти во видеа. Уште колку понижувања треба да трпат лекарите? Уште колку ниско може оваа власт на чело со премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче да падне, за само да се одржат неколку лица на своите функции?, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Вчера на социјалните мрежи беше поставено видео во кое жени облечени во рекламни маички на СДСМ влегуваат во медицинска установа, каде лекари и друг медицински персонал подреден во строј ги чека и се принудени да бидат дел од кореографијата за потребите на политичкото видео. Нема поголем доказ за партизацијата на институциите и целиот систем од принудувањето на лекарите да бидат спотери во видео за потребите на СДСМ“, велат од партијата.
Филипче, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ, треба веднаш да си поднесе оставка, затоа што ги злоупотреби лекарите за политичко видео за Зоран Заев.
„Во време на пандемија, кога цел свет стравува и се губат животи секоја минута, а само во Македонија до сега починаа 2500 луѓе, а заразени се вкупно околу 83.000, Филипче го злоупотребува медицинскиот кадар. Филипче нема што да чека. Ја понижи медицинската фела. Поголем срам од ова не е можен. Најмалку што може да направи е да си замине“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.