Републиканците во Конгресот контра Трамп: Му го поништија ветото за Законот за одбрана

Републиканците во Сенатот, партијата на претседателот Доналд Трамп, гласаа за укинување на неговото вето, првпат по скоро четири години од неговиот мандат, со што овозможија усвојување на Законот за национална одбрана, на кој Трамп остро се спротивстави.

Ветото на Трамп беше поништено во Претставничкиот дом на почетокот на оваа недела. Мандатот на претседателот истекува за 20 дена.

На седницата, која, невообичаено, беше одржана на првиот ден од новата година, Сенатот гласаше со 81 глас „за“ и 13 „против“, со што беше постигнато двотретинско мнозинство потребно за укинување на претседателското вето.

Законот беше донесен со поддршка на обете партии, два дена пред новиот Конгрес да положи заклетва во недела. Осум претходни претседателски вета останаа на сила.

Претходно, за време на процедуралната декларација, со 80 гласа „за“ и 12 „против“, сенаторите гласаа за ограничување на расправата на 30 часа, што го отвори патот за последното гласање за ветото на Трамп.

Тоа беше првиот значаен републикански раскол меѓу републиканците во Конгресот и претседателот Трамп.

Трамп одби да го потпише Законот за национална одбрана, во износ од 740 милијарди долари, бидејќи не укинува одредени законски заштити за технолошките компании. Претставничкиот дом, во кој има мнозинство демократи, во понеделникот гласаше за укинување на ветото.

Републиканските членови на Конгресот обично стоеја покрај претседателот за време на неговите бурни четири години поминати во Белата куќа. Од неуспехот да добие втор мандат, Трамп остро ги критикуваше дека не ги поддржуваат целосно неговите непотврдени обвинувања за изборни измами, како и за отфрлање на неговото барање да гласаат за поголема финансиска помош за погодените од ковид-19 и дека се подготвени да го поништат неговото вето на законот за одбрана.

Демократите, кои во невообичаен договор со Трамп го поздравија неговото барање за финансиска помош од 2.000 американски долари, сакаат да го искористат законот за национална одбрана за брзо гласање за нацрт-законот што ќе им донесе на Американците поголема поддршка од веќе одобрените 600 долари. Некои републиканци поддржуваат и поголема финансиска помош.

Сепак, лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Меконел, ги блокираше тие обиди кога го додаде прашањето за поголеми исплати на готовина на друг предлог-закон, кој содржи одредби за социјалните медиуми и за изборите што демократите сигурно ќе ги отфрлат, оставајќи малку време за маневарски простор пред новиот состав на Конгресот да положи заклетва во недела.

Трамп, кој се врати во Вашингтон во четвртокот од неговиот приватен клуб во Флорида, го зголеми притисокот врз републиканците и ги критикуваше партиските лидери дека не го поддржуваат во случајот на тие два закона.

-Слабото и уморно републиканско „лидерство“ ќе дозволи да се донесе лош закон за одбрана – порача претседателот во заминување минатата недела во серија твитови.