Акциите на Twitter паднаа за речиси 4 отсто по блокирањето на акаунтот на Трамп

Акциите на компанијата „Twitter“ сопственик на истоимениот сервис на микроблогирање паднаа за 3,77 отсто на 49,54 американски долари веднаш по блокирањето на акаунтот на републиканскиот претседател во заминување Доналд Трамп.

Како што истакнува FOXBusiness, тргувањето на берзите заврши за минатиот ден малку повеќе од час и половина откако компанијата објави дека ги воведува ограничувањата за објавите на претседателот Трамп.

Претходно од Twitter објавија дека ја блокираат личната страница на американскиот претседател поради „опасност од поттикнување на насилство“. Подоцна, на официјалниот профил на претседателот на САД, Трамп објави изјава во која порача дека нема да биде замолчен. Овој пост беше отстранет од модераторите на социјалните мрежи. Блокиран, исто така, е и акаунтот за кампањта на Трамп.

Социјалните мрежи Twitter, Instagram, Facebook, како и помалите вакви сервиси, на различни периоди го блокираа пристапот до профилите на Трамп. Тоа го образложија со неговите обраќања до своите поддржувачи кои во средата упаднаа во американскиот Конгрес во обид да го спречат потврдувањето на гласовите на електорскиот колегиум со кои Џо Бајден победил на претседателските избори на 3-ти ноември, за кои демонстрантите тврдат дека е лажирани.

Во објавите Трамп демонстрантите ги нарече патриоти и инсистираше дека изборите биле фалсификувани. Во говорот недалеку од Белата куќа ги повика да протестираат на Капитол Хил, но преку социјалните мрежи апелираше да се однесуваат мирно а потоа објави два твита со кои ги повика да се повлечат и ги осуди нивните насилни постапки. Во тие часови на Twitter имало 23,46 милиони пораки, односно во просек 430 во секунда.

Подоцна од Twitter објавија дека имаат намера да ги спречат обидите на Трамп да го заобиколи блокирањето на неговиот акаунт. Истовремено, пристапот до профилите @POTUS и @WhiteHouse нема да биде суспендиран, но ќе бидат преземени мерки за ограничување на нивното користење.