Најмалку десет авганистански војници убиени во талибански напад

Намалку десет припадници на авганистанските безбедносни сили се убиени во талибански напад врз контролен пункт во северната покраина Кундуз, соопштија во петокот тамошните власти.

Уште единаесет владини војници се ранети во нападот изведен изминатата ноќ во округот Имам Сахеб, пренесува германската агнеција DPA повикувајќи се на тројца советници во покраинскиот парламент на Кундуз.

Портпаролот на покраинскиот гувернер, Вахидула Јумазда, изјавил дека бунтовниците ги нападнале базите на безбедносните сили кои го опкружуваат главниот град на Кундуз од неколку правци, но дека нападите биле одбиен со помош на воздушните сили. Притоа загинал и еден цивил, додал портпаролот.

И покрај моменталните мировни преговори меѓу авганистанската влада и политичките претставници на исламистичкото движење Талибан кои се водат во катарска Доха од средината на септември, продолжуваат насислтвата во Авганистан.

Целта на преговорите е да се стави крај на војната којашто ја разори земјата во изминатите речиси две децении. Меѓутоа, талибаните а посебно некои нивни фракции одбиваат да го прифатат целосниот прекин на огнот додека траат преговорите во Доха.

Непријателствата се заоструваат во периодот кога САД треба да го завршат повлекувањето на уште 2.500 воници од Авганистан, врз основа на договорот кој Вашингтон го постигна со талибаните уште минатата пролет. Договорот предвидува повлекување на речиси сите меѓународни сили од земјата, а талибаните од своја страна се обврзаа да ги прекинат борбените дејствија и да влезат во преговори со владата во Кабул.