Средношколски сојуз повикува на бојкот на наставата

Средношколскиот сојуз денеска ги повика матурантите да го бојкотираат почетокот на второто полугодие кое стартува во четврток. Причината, како што велат, е неприфаќањето на нивните барања за намалување на бројот на предмети кои треба да се полагаат на државната матура оваа година, од  четири на два.

-Одлуката за бојкот дојде откако образовните институции, односно Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар (ДИЦ) не беа подготвени да соработуваат за нашите барања да бидат прифатени и истите успешно да се спроведат, изјави за „Фокус“ претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи.

На прашањето од колку од матурантите имаат поддршка за бојкот на наставата, Ходаи вели:

-Ние од минатата недела сме во контакт со нашите преставниците низ земјава, и заедно со матурантите одлучивме за бојкот.

Од МОН за „Фокус“ велат дека учениците од сите средни училишта до 31 декември ги завршиле своите законските обврски и уредно ги пријавиле испитите за полагање на државната матура.

-Исто така, Државниот испитен центар веќе ги заврши постапките околу составувањето на Државните матурски комисии и истите ги креираат прашањата по сите предмети, а во согласност со скратените наставни програми и условите во изминатиот период. Државната матура е задолжителна за упис на сите високообразовни институции. Освен државната матура, со Концепцијата за полагање матурски испити предвидена е можноста за полагање училишна матура, за ученици што нема да го продолжат своето образование на факултетите, велат од МОН.

Тие додаваат дека најавиле промени во концепцијата на државната матура за што е информиран и Сојузот на средношколци. Променетиот начин на полагање би се применувал од учебната 2021/2022 година.