
Финалето на американската лига во американски фудбал (рагби), 55-то издание на Супер Бол-от, кое на 7-ми февруари ќе биде одиграно на стадионот во Тампа, ќе биде историско бидејќи првпат во улога на арбитар ќе се појави и една жена, 47-годишната Сара Томас.
Во 2015 година Сара Томас стана првата жена којашто доби можност да суди натпревар во НФЛ лигата, а во 2019 година стана и првата жена која ја делеше спортската правда во натпревар од доигрувањето во ова натпреварување, кое е најпопуларното во САД.
„Сара Томас повторно влегува во историјата“, изјави извршниот директор на НФЛ, Трој Винсент.
Томас ќе биде во поставата којашто ќе ја води главниот арбитар Карл Чеферс.
„Со своите елитни изведби и посветеноста на беспрекорноста, заслужи да суди на Супер Бол“, додаде Винсент.
Учесниците на 55-от Супер Бол ќе бидат познати во неделата вечерта, кога на распоредот се финалните дуели по конференциите. За титулата во НФЦ ќе се борат Грин Беј Пекерс и Тампа Беј Баканерс, а за првото место во АФЦ ќе се соочат минатогодишниот победник на Супер Бол, Канзас Сити Чифс и Бафало Билс.