Вакцината против коронавирусот која ја развија американската фармацевтска компанија „Pfizer“ и германската биотехнолошка компанија „BioNTech“ веројатно ќе ги заштити луѓето од новиот сој на SARS-CoV-2, кој неодамна беше откриен во Велика Британија и многу брзо се рашири низ светот, покажуваат резултатите од новите лабораториски тестови објавени во средата на порталот bioRxiv.org.
Наводно охрабрувачките резултатите, добиени со анализа на крвта на учесниците во истражувањето, се темелат на поопсежни анализи од оние кои „Pfizer“ ги објави минатата седмица.
Имено, тогаш од „Pfizer“ известија дека сличната лабораториска студија покажала дека нивната вакцина е ефикасна против една од клучните мутации на новиот коронавирус наречена N501Y, откриена во двата многу позаразни соја на SARS-CoV-2 кои се шират во Велика Британија и во Јужноафриканската Република.
Најновото истражување, коешто сѐ уште не ја минало стручната рецензија, е спроведено врз синтетички вирус со 10 мутации карактеристични за варијантата позната како B117, која на средината од ланскиот декември беше прво идентификувана во Лондон и југозападна Англија. Меѓу 11-те автори на студијата се и Угур Сахин и Езлем Туерчи, коосновачите на „BioNTech“.
Доколку се покажат точни, овие нови сознанија ќе дадат и нова надеж, особено имајќи предвид дека Британија во последниот период известува за рекордно високи секојдневни бројки на смртни случаи како последица на компликациите кои ги предизвикува Covid-19, а се верува дека за нив е одговорна позаразната варијанта. Досега, пак, стручњаците тврдеа дека иако новиот сој е позаразен меѓу 50 и 70 отсто од оригиналната варијанта на вирусот, но дека тој не влијае на развивање потешки форми на болеста, како и дека нема ефект врз зголемување на смртноста од Covid-19.
Тестирањето било спроведено така што примероци од крвта на 16 лица вакцинирани во текот на претходните клинички испитувања биле изложени на синтетскиот вурус наречен псевдовирус. Тој е развиен така да ги поседува истите површински протеини како и сојот B117, што е карактеристично за 10-те мутации.
Антителата во крвта на волонтерите на кои им била инјектирана вакцината, позната како „Comirnaty“ или „BNT162b2“, го неутрализираел псевдовирусот исто толку ефикасно како и постарата варијанта на коронавирусот за која вакцината и всушност е произведена, се наведува во студијата.