
Ден петти – молк. Молк од кабинетите на министерката за одбрана Радмила Шекеринска и шефот на државата Стево Пендаровски за скандалот и меѓународната бламажа со одбивањето на лицето нивен предлог за претставник на земјата во НАТО, и со тоа двапати е избламирана Македонија, а ниеднаш никој не понел одговорност, ниту, пак, на јавноста и е дадено образложение, потсетува Драги Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ во четвртокот.
„Лично сте одговорни двајцата. Треба веднаш да понесете одговорност! Почитувани граѓани, со неодговарањето и молкот на министерот и претседателот само уште еднаш се потврдува недемократскиот капацитет и ароганцијата на власта кон прашања кои го засегаат угледот и достоинството на државата“, вели Ковачки.
Вели дека уште еднаш се потврдиле тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ, дека и покрај тоа што станува голем скандал, претставниците на власта бегаат од одговорноста за меѓународното бламирање на Македонија, и го одмолчуваат случајот.
„Станува збор за класична злоупотреба на апсолутната власт којашто ја уживаат. Во нормални држави, кога функционерот ќе погреши, се извинува и понесува одговорност. Вие згрешивте не еднаш, туку двапати! Двапати ја избламиравте Македонија, а ниеднаш не понесовте одговорност, ниту пак дадовте образложение зошто го направивте тоа. Молкот од ваша страна само упатува на сомнеж дека ова што сте го направиле не е случајно, туку дека е намерно. Намерно ли праќате лица кои не ги поминуваат безбедносните филтри? Свесни ли сте за последиците кои може да ги имаме како нација? Ваши предлози не еднаш, туку двапати се вратени. Која е Вашата улога во изборот? Г-ѓо Шекеринска и г-не Пендаровски, каде Ви е транспарентноста на која се повикувате? Ароганцијата е ваша одлика за целиот период на вашето автократско владеење, а работењето против интересите и угледот на Македонија е својствено за СДСМ. За вас не важат ни Устав, ни закони, ни правила ни процедури“, наведува во своето обраќање Ковачки.
Во својата фејсбук објава Ковачки нагласува дека дека со ваквите потези се урива и владеењето на правото и правната држава за сметка на личните и партиските интереси на владејачката СДСМ и поради тоа бара одоговорност и оставки од одговорните.