Русија ги обвини САД за поттикнување на протестите за Навални и насочување кон Кремљ

Руското министерство за надворешни работи, коментирајќи ја објавата на амбасадата на САД во Москва во врска со неодобрените протести во поддршка на притворениот руски дисидент Алексеј Навални во саботата, порача дека обидете да се поттикнат радикалните елементи ќе имаат последици врз билатералните односи меѓу двете земји.

Како што се истакнува во соопштението на руската дипломатија од саботата вечерта, „ова не е првпат“ амбасадата на САД во Москва да „демонстира непочитување на дипломатските норми и правила, објавувајќи активни пораки на социјалните мрежи за поддршка на неодобрените протестни акции во руските градови. Во суштина, додава руското Министерство за надворешни работи, станува збор за „охрабрување на насилни активности, лицемерно најавени како мирен протест, во кој организаторите цинично вклучуваат дури и малолетници“.

„Американските власти треба да се справуваат со сопствените проблеми, вклучително и надминувањето на длабоките поделби во американското општество, пројавени од социјалната несправедливост, нееднаквоста и прогоните на неистомислениците. Обидите на американската дипломатија, кои ја игнорираат секоја пристојност и фактички ги поттикнуваат радикалните елементи, се осудени на неуспех и ќе имаат негативни последици врз билатералните односи“, се додава во објавата во која се предупредува дека на највисоките функционери на амбасадата на САД им претсојат „сериозни разговори“ во руското министерство за надворешни работи.

Реакцијата доаѓа откако амбасадата на САД во Русија во петокот ги објави локациите и времињата на неодобрените протести имајќи ја предвид епидемиолошката состојба во земјата во руските градови. Во објавата на американската дипломатска мисија, наводно наменета за американските државјани во Русија, беше објавено дека ги следи „извештаите за протестите во 38 руски градови“. Во објавите на амбасадата се додаваше и дека тие „го поддржуваат правото на сите луѓе на мирни протести и слобода на изразувањето“, а мерките на руските власти ги оцени дека се „насочени кон сузбивање на овие права“. Меѓутоа, истовремено објави и мапа на движењето на демонстрантите низ Москва со крајна дестинација пред Кремљ, седиштето на руските власти, рута која не ја најавија ниту организаторите на протестите за поддршка на Навални.

Во саботата претходно портпаролката на руската дипломатија, Марија Захарова, реагираше на објавата на американската амбасада која ја обвини не само за објавување на маршрутите по кои ќе се движат демонстрантите, што укажува на можна координираност и планирање, туку и за насочување со наводни информаци за движење на демонстрантите кон Кремљ. Захарова, исто така, запраша и што би се случило доколку такви објави имаше од руската амбасада во Вашингтон при неодамнешните безредија на Капитол Хил.

„Што беше тоа: инсталација или инструкција? Такви планови не објавија ниту организаторите. Можете да си претставите што ќе се случеше доколку руската амбасада во Вашингтон објавеше своја мапа на правците на протестите на кои е означена крајната дестинација, на пример, во Капитол. Таквото ориентирање на демонстрантите на теренот би резултирало со глобална хистерија на американските политичари, вклучително и русофобични изјави, закани за воведување санкции и протерување на руски дипломати“, напиша Захарова.

Претходно руското Министерство за внатрешни работи и Канцеларијата на јавниот обвинител повеќепати предупредуваа на одговорноста на организаторите на протестите во Москва кои беа забранети и во главниот и во другите руски градови со образложение со сложената епидемиолошка ситуација во земјата. Оглушувањето на овие повици руските властите предупредија дека ќе се сметаат за „провокации, закана за јавниот ред и ќе бидат веднаш потиснати“.

Истовремено, руското обвинителство побара да се блокираат објавите на интернет за да не дојде до настани кои „самите по себе се забранети со закон“. Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, претходно за новинарите во Москва оцени дека на протести повикуват „одредени провокатори“, чиишто активности „ни се добро познати“.

 

Се огласи и детскиот правобранител

Детскиот обудсман Ана Кузнецова во саботата вечерта изјави дека и покрај предупредувањата по сознанието дека на протестите ќе бидат злоупотребени и деца и малолетници, меѓу приведените на протестите имало и околу 300 тинејџери, од кои 70 во Москва и 30 во Санкт Петербирг. Тие се веќе ослободени.

„Шест деца беа пуштени од полициска станица, а уште три беа преземени од нивните родители во друга полициска станица во Москва“, рече Кузнецова.

Според неа, службениците за спроведување на законот ги прекршиле правата на децата, бидејќи биле држани повеќе од 6 часа а притоа не добиле храна и вода. Сите деца, исто така, биле испитувани и им бил даден статус на сведок. Некои од нив изјавиле дека воопшто не учествувале во протестите, туку дека само се шетале низ центарот на градот каде минувале демонстраните.