САД ќе надоместат за четирите изгубени години во борбата против климатските промени, вети Џон Кери

Американскиот посредник за клима, Џон Кери, на глобалниот виртуелен самит порача дека светот мора да преземе решителна акција за зајакнување на отпорноста кон разорните ефекти од климатските промени.

Кери вети дека новата американска администрација, предводена од Џо Бајден ќе има своја голема улога во тоа.

-Горди сме што се вративме (во Парискиот договор за климата). Сакам да знаете дека тоа го сторивме со понизност по четири години отсуство и ќе сториме сè што е во наша моќ да го оствариме порача Кери во видеопорака на Самитот за климатско адаптирање чиј домаќин е холандската Влада.

Во првите часови од почнувањето на неговиот претседателски мандат минатата недела, Бајден потпиша извршна наредба за враќање на САД во Парискиот договор за климата од 2015 година, со што се поништи повлекувањето на Доналд Трамп, кој ја исмејуваше науката за климатските промени предизвикани од човековата активност.

Кери изјави дека администрацијата на Бајден работи на скоро објавување на повеќе амбициозни цели за намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина.