Грција забрани собири со над 100 лица, високи казни за прекршителите

Од 6 часот утровто во средата до 1-ви февруари, во Грција во сила е забрана за јавни собири на повеќе од 100 лица со одлука на началникот на грчката полиција, а за прекршувачите предвидени се казни од 300 до 5.000 евра.

Дел од медиумите во Грција забраната за јавни собири на повеќе од 100 лица, ја коментираат и како дозвола за собири на групи до 100 лица.

Одлуката, како што соопштуваат од грчката полиција, е донесена откако била земена предвид препораката од надлежната Комисија на епидемиолози од 22-ри јануари за максимален број учесници на јавни собири на отворено, односно до сто лица, но и за да се спречи дополнителното ширење на коронавирусот.

Извори од полицијата, за грчките медиуми објасниле дека конкретната одлука не е поврзана со никаков закажан протест и не се однесува на присуството на граѓаните во областите поврзани со трговијата, односно продавниците и сл.

За прекршување на мерката предвидена е парична казна од 5.000 евра за правни и 3.000 евра за физички лица кои организираат јавни собири на отворено и казна од 300 евра за учесниците.