Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не го поддржа законот за попис и најави бојкот доколку истиот се спроведе согласно начинот на кој планира власта. Стефан Андоновски, еден од помладите опозиционери смета дека партијата застапува принципиелни ставови и дека бара попис според европски стандарди, а не фалсификуван процес и пописен инженеринг.
Андоновски во интервју за ФАКТОР тврди дека ВМРО-ДПМНЕ не се противи воопшто на гарантираните права на етничките заедници и дека наскоро ќе имаат конкретен коалиционен партнер од албанскиот политички блок со кого заеднички ќе настапат на следните избори. Со Андоновски разговаравме за можноста за подобрување на политичката атмосфера преку дијалог со власта, но и што може да понуди опозицијата како решенија освен редовни критики. Исто така Андоновски објаснува дека во партијата постојано има прочистување од поранешните функционери за ВМРО-ДПМНЕ да оди напред со модерните текови, но се додека премиерот може да нарачува политички пресуди ќе остане на ставот дека како опозција се под жесток политички прогон. За него неопходни се коренити политички промени бидејќи се согласува дека граѓаните, и особено младите биле разочарувани во изминатите 30 години, но со политичари кои имаат концесии смета дека не може да се изгради подобро општество.
Фактор: Во изминатиот период се бележи пад на довербата на граѓаните во институциите. Каде е тука одговорноста на самата опозиција како коректор на власта, и како дојдовме до ситуација на постојано деградирање на значењето на институциите, почитувањето на правото и законите, особено ако се земе во предвид дека борбата за правда и еднаквост пред законите не се исполнуваат?
Андоновски: 30 години македонските граѓани се разочарувани од политичките елити и сите очекувања кои ги имале биле во поголема или помала мера неостварени. Многу ветувања, многу разочарувања и ми се чини дека тоа е првиот факт кој придонесува за ова нерасположение и недоверба кон институциите. Можностите кои ги има опозицијата се во одредена мера, ние сме дел од Собранието, таму може да ги браниме интересите на граѓаните и ако можам добро да се сетам оваа парлемантарна структура која ја имаме сега ги брани тие интереси. Чисто како примери би ги навел постапките кога со голем број на амандмани успеавме да ги блокираме измените во Деловникот со кои ќе се намалеше транспарентноста на работењето на Собранието. Поднесовме над сто амандмани на Предлог Буџетот за 2021 со кои ќе се подобреше состојбата на граѓаните, но за жал не беа прифатени. Отворивме бројни теми во Собранието каде ја имаме најголемата активност и во постојан контакт со граѓаните гласно ги кажуваме нивните проблеми и бараме решенија. Секако, за да се излезе од оваа политичка бара потребни се коренити промени и нова генерација на политичари кои немаат зад себе багаж на криминал и недела кон државата и народот, немаат концесии и само на тој начин може да изградиме подобро општество.
Фактор: Колку младите имаат можност да дојдат до израз во политиката, бидејќи од една страна е лесно да се активираат партиски и да бидат активисти, но кога говориме за конкретни промени, за суштински одлуки и резултати нивното учество изостанува. Тоа секако е одлика на последните 30 години, па како да се убедат младите да останат тука, да го дадат својот ангажман во општеството, и да се врати довербата дека може да се создаде квалитетна иднина?
Андоновски: За мене е разочарувачки што на 15 јануари измина една година од донесување на Законот за младинско учество во чија изработка учествувавме од сите политички партии и голем број на граѓански организации коишто работат со млади. Во законот има 7-8 активности кои власта треба да ги спроведе во рок помал од една година, и со жалење можам да констатирам дека ниту една од нив воопшто не е спроведена, не постои Регистар на младински организации, нема намери за отворање на Младински центри, нема учество на младите во институциите. И ќе се сложам дека моите очекувања беа повисоки. Во носењето на овој закон учествувавме сите, а премиерот и тогашниот директор на Агенцијата за млади и спорт се фалеа дека е нивен личен проект, иако беше на сите организации, политички подмладоци и пратениците кои го гласаа. Кога зборуваме за разочарувања на младите, токму за ова станува збор. Никој веќе не зборува за проектот Младинска гаранција кој е пропаднат. Владата го започна чисто од ПР причини, но не успеа да го реализира. Никој не зборува за младински вработувања, поволности во општественото живеење, не се изградени двата нови факултетски објекти во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Сите овие аспекти ги прават младите да се чуствуваат дека немаат место под ова небо, а проблемот е во институциите кои во пракса работат многу лошо, ама имаат добар маркетинг. Проблемот е што граѓаните постојано се лажени, а резултатите никаде ги нема.
Фактор: Да, меѓутоа овие конкретни проблеми на младите со вработувања, животен стандард, напредок во кариера имладинско учество, некогаш се помалку важни за нив од оние проблеми кои се суштински, како борба со корупција, непотизам, справување со криминалот. Дали како партија можеби не успеавте да се дистанцирате од вашите претходници и пропуштивте шанса да го осудите криминалот, сѐ она што беше процесирано досега во судските предмети. Тоа го сведовте на ниво на политички прогон против вашата партија, наместо да речете да, еве тие наши функционери кои направиле кривични дела, треба да одговараат и да се постави една линија, секој да одговара без оглед на неговата партиска припадност, позиција, статус, моќ, богатство. Можеби тие прашање се поголем проблем за младите кои немаат доверба во државата?
Андоновски: Прашањето ви е повеќеслојно. Првиот дел кој би одговорил е дека ВМРО-ДПМНЕ е под политички прогон, затоа што нашиот имот е сѐ уште замрзнат, од страна на затвореното и поништено СЈО чијшто предводник видоме како и каде заврши. Нашиот имот е замрзнат токму благодарение на уцените на таа личност. Вториот аспект е дека јас лично и ВМРО-ДПМНЕ може да се согласиме дека некој направил криминал ако е осуден од правосудните органи во еден чист, транспарентен и праведен процес, а којшто за жал не го гледаме. Тоа е така бидејќи имаме јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција кој јавно кажува во неколку наврати дека има аверзија и одбивност кон ВМРО-ДПМНЕ, учествуваше во протестите и до денес на секоја прес-конференција коментира за одлуки и начин на функционирање на опозицијата. Ако некој може да најде јавен обвинител во било која демократска земја кој се занимава со внатрешно-политички и партиски теми, наместо со гонење на корупција и криминал, тогаш ќе речам во ред тоа е редовна обвинителска пракса. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ го прави е константно внатрешно прочистување и катарза за да може да се развива напред и да оди во чекор со модерните текови. Може да забележиме и дека високи поранешни функционери на партијата се во блиски пријателски, бизнис и политички врски со сегашната власт. Тука мислам дека секој здраворазумски може да изнесе заклучок какви се состојбите во ВМРО-ДПМНЕ и општеството.
Фактор:Сепак, за одредни случаи не се дистанциравте целосно. На пример по правосилната пресуда за Гордана Јанкуловска поранешнтата министерка за внатрешни работи, рековте дека е резултат на политички прогон, а не на обидот за борба со корупцијата и криминалот. Дел од граѓаните сѐ уште на вас гледаат како на партија заштитник на поранешните функционери кои се осомничени или за кои се водат правосудни постапки, без оглед што некој може да го каже истото и за функционерите на останатите политички партии. Перцепцијата кај добар дел од граѓаните е дека не го надминавте овој впечаток?
Андоновски: Конкретниот случај кој го спомнавте е класичен пример на политички прогон затоа што станува збор за возило кое сѐ уште се користи од државните органи и начинот на набавката е спроведена како и сите претходни набавки од таков карактер. Се работи за специфично возило во рамките на безбедноста. Во таа смисла се работи за прогон на политички неистомисленици. Мене ме зачудува како тие случаи се процесираа брзо, со секојдневни рочишта, со брзање да се осудат обвинитетите, а други случаи во кои се сторени многу потешки кривични дела и во кои има класични примери за злоупотреба на функцијата рочиштата им се одложуваат, предметите се враќаат на почеток, или делата им застаруваат. Ние имаме принципиелен став. Сакаме да видиме еднаквост во постапувањето и транспарентност на правосудните органи. Ако премиерот може да нарачува пресуди никој не може да ни гарантира дека и оваа пресуда не е нарачана.
Целото интервју прочитајте го ТУКА.