Европската унија побара во средата од англо-шведската фармацевтска компанија „AstraZeneca“ да го објави договорот за снабдување на ЕУ со вакцината против Covid-19 која ја разви со Универзитетот Оксфорд, откако извршниот директор на компанијата откри доверливи одредби од договорот, рече во средата за агенцијата Reuters европски функционер.
Неименуваниот соговорник на агенцијата претставен како функционер на Европската унија, рекол и дека претставниците на компанијата „AstraZeneca“ го откажале состанокот договорен за во средата со претставниците на Унијата.
Во интервјуа за медиумите во вторникот, главниот извршен директот на „AstraZeneca“, Паскал Сорио, рече дека догворот со ЕУ се темели на клаузулата која пропишува дека мора да дадат сѐ од себе за да ги исполнат своите договорени обврски и дека договорот не ги обврзува на конкретно одредени временски рокови за испорака на вакцините.
Сорио интервјуто го даде откако компанијата најави дека ќе ги намали испораките на вакцини за Евопската унија во првиот годинешен квартал, а според Брисел станувало збор за намалување од 60 отсто на испораките, односно поради проблеми со производството во фабриката во Белгија би биле исппорачани само 31 милион дози. Според претходно објавените податоци во медиумите, за овој период било предвидено и договорена испорака на 80 милиони дози од вакцината на „AstraZeneca“.
Споменатиот европски функционер рекол во средата дека таквата клаузула е страндардна во договорите со произведувачите на производи кои се сѐ уште во развој. Додал дека ЕУ бара од „AstraZeneca“ подетално да им појасни зошто одлучиле да ги намалат испораките на вакцината.
Главниот изврешен директор на „AstraZeneca“, Паскал Сорио, порача во средата дека договорот потпишан со Европската унија не е обврзувачки и ги повика владите на земјите членки на ЕУ, кои се гневни поради доцнењата на испораките на вакцините, да не бидат толку чувствителни.
Сорио во денешното интервју за италијанскиот дневен весник La Repubblica, вели дека всушност станува збор за договорна намера.
„Ние се обврзавме дека ќе дадеме сѐ од себеси, но нема гаранции дека ќе успееме“, вели Сорио.
Европската унија потпиша договор со „AstraZeneca“ за испорака на севкупно 400 милиони дози од вакцината, но компанијата во меѓувреме објави дека ќе доцни со производството, иако вакцијата на ниво на ЕУ сѐ уште не ѝ е одобрено, а според најавите тоа требаше да се случи до крајот на оваа седмица.
Со испораките на своите вакцини против коронавирусот за Европската унија доцнат и другите два произведувачи, фармаколошко-биотехнолошкиот американско-германски тандем „Pfizer/BioNTech“ и досега речиси анонимната американска фармацевтска компанија „Moderna“.
„Пречувствителност“ на владите во ЕУ
Сорио, пак, владите на земјите членки на ЕУ ги повикува да не бидат пречувствителни. Порача дека под стресот реагираат лошо. „Владите се под притисок. Сите се помалку раздразливи или емотивни“, вели челникот на „AstraZeneca“.
Сорио истакнува дека неговиот тим работи деноноќно на исправувањето многу проблеми со производството на вакцината, коишто ги нарече „детски болести“. Вели дека призводството „во основа заостанува два месеца во однос на она каде сакаме да бидеме“, а делумно одговорноста ја префрла на ЕУ поради „доцното потпишување на договорот“.
Појаснува дека со Велика Британија договорот за испораките бил потпишан три месеца пред постигнувањето на договорот со ЕУ, што им дало повеќе време за исправање на грешките.
Проблем и во „зголемувањето“ на производството на вакцините имале два погона, еден во Холандија и еден во Белгија, вели Сорио.
„Тоа е комплицирано, особено во раната фаза кога морате да ги решите сите можни тешкотии. Верувам дека ги решивме тие прашања, но во основа заостануваме два месеца во однос на тоа каде сакаме да бидеме. Имавме такви почетни проблеми и во синџирот за снабдување во Обединетото Кралство. Но договорот со нив е потпишан три месеца пред договорот со ЕУ за вакцините. Значи, со Обединетото Кралство имавме дополнителни три месеца да ги поправиме сите проблеми“, вели Сорио во интервјуто.
Европската унија вложи големи средства во развојот на вакцината против коронавирусот и очекува договорот да биде почитуван. Како одговор на доцнењата, ЕУ би можела да го ограничи извозот на вакцините произведени на нејзината територија.
Еврокомесарката за здравство, Стела Киријакидес, изјави дека компаниите коишто ја произведуваат вакцината на просторот на ЕУ мора „однапред да известат кога и да посакаат да ги извезуваат вакцините во трети земји“. Истакна дека Унијата „ќе ги преземе сите мерки потребни за заштита на своите граѓани“.
Од „AstraZeneca“ во соопштението од средата објавија дека „секој синџир за снабдување е развиен со вложување на одредени земји или меѓународни организации врз основа на договор за снабдување, вклучително и нашиот договор со Европската унија“.
„Имајќи предвид дека секој синџир за снабдување е воспоставен за да ги исполни потребите од одреден договор, вакцината произведена во секој од синџирите за снабдување е планирана за одредена земја или регион и го користи локалното производство секогаш кога тоа е можно“, додаваат од „AstraZeneca“.