
На денешната седница на Советот на општина Ѓорче Петров, мнозинството го изгласа планот за работа на Советот на општина Ѓорче Петров за 2021 година, во кој за неполни 8 месеци советот треба да изгласа 25 урбанистички планови, изјави за медиумите, Данијел Апостолоски советник во Советот на Ѓорче Петров од ВМРО-ДПМНЕ.
„Замислете, сите други проблеми се решија и остана само да се донесат урбанистички планови и да се градат бетонски ѕидови. Александар Комшија Наумоски и кастата од СДСМ не се кријат и веќе отворено застануваат на страната на урбаната мафија. Знаејќи дека ќе изгубат на локалните избори, прават непоправлива штета на Ѓорче Петров и со овие 25 урбанистички планови трајно ќе ја оштетат општината и граѓаните на Ѓорче Петров“, потенцираше тој.
Апостолоски прашува дали гласините дека покрај законски предвидените суми за комуналии, Александар Наумоски и локалната власт на СДСМ си вовеле свои лични давачки кои завршуваат во нивните џебови?
„Уште само осум месеци, а потоа Наумоски ќе мора да одговара за сите матни зделки кои ги направи во изминатите речиси четири години“, додаде тој.