
Грчката полиција во Солун разби меѓународна мрежа за шверц на дрога, уапси три лица и заплени 324 килограми чист кокаин што бил наменет за грчкиот „пазар“, пренесува во саботата електронското издание на дневниот весник Kathimerini.
Грчката полиција во официјалното соопштение наведува дека уапсените, на возраст од 35 до 37 години, требало да ја преземат дрогата и подоцна да ја препродаваат во Грција. Истовремено идентификувано е уште едно лице, кое успеало да побегне и по кое трага полицијата.
Според Kathimerini, уапсените се двајца Албанци, од кои еден со грчки пасош и еден Хрват, немале криминално досие, додека, пак, Албанците биле активни во хотелски бизниси на островот Родос.
Весникот пишува и дека дрогата веројатно пристигнала од Латинска Америка, а проценките на полицијата се дека со фактот што станува збор за чист кокаин, количината тројно ќе се зголемела по додавањето состојки, а профитот ќе достигнел до 100 милиони евра.
Во претресот направен во два автомобила и во станот во кој престојувал еден од уапсените, полицијата запленила 324 килограми кокаин со голема чистота, распределен во 256 пакувања, 5.265 евра кои веројатно потекнуваат од трговијата со наркотиците, пет мобилни телефони и лап топ.