Италијанскиот фудбалски стратег Масимилиано Алегри е еден од најголемите кандидати за наследник на Зинедин Зидан на клупата на Реал Мадрид, пренесуваат во четвртокот шпанските медиуми.
Останувањето на Зидан на клупата на „Кралскиот клуб“ е доведено во прашање поради неочекуваниот пораз од третолигашот Алкојан во осминафиналето од купот, поразот во полуфиналето од шпанскиот Суперкуп од Атлетик Билбао, заостанувањето на првенствената табела од десет бода зад градскиот ривал Атлетико Мадрид, како и неубедливите настапи во Лигата на шампионите.
Шпанските медиуми пишуваат дека челниците на Реал Мадрид планираат на крајот од сезоната да побараат на нов тренер. Се додава дека меѓу најголемите кандидати е 53-годишниот Алегри, поранешен стратег на италијанските великани Милан и Јувентус.
Радиото Cadena SER известува дека меѓу кандидатите за местото на Зидан е и поранешниот напаѓач Раул Гонзалес, кој во моментов го води вториот тим на Реал. Меѓутоа, како негов минус се смета неискуството.
Алегри од јуни 2019 година е без ангажман, откако во пет години на клупата на Јувентус освои пет „Скудета“, четири национални купови и два италијански Суперкупа. Ги водеше, исто така, и Милан, Калјари, Сасуоло…