
Фудбалерите на мексикански Тигрес од Нуево Леон се пласираа во финалето на Светското клупско првенство на ФИФА откако во неделата во катарска Доха го совладаа со 1:0 бразилски Палмеирас.
Стрелец на решавачкиот погодок за првакот на Северна и Средна Америка беше Французинот Андре-Пјер Жињак во 54 минута од пенал. Поранешниот напаѓач на француските прволигаш Марсеј и Тулуз за Тигрес игра од 2015 година и во 247 натпревари постигна 145 погодоци.
Мексиканците славеа сосема заслужено над безидејните шампиони на Јужна Америка. Тигрес создаде многу подобри шанси за гол, особено во првите половина час од мечот кога Палмеирас го спасуваше голманот Вевертон. Во 53 минута бекот на бразилскиот тим Луан во шеснасетникот го повлече Карлос Гонзалес, а од белата точка прецизен беше поранешниот француски репрезентативец.
Мечот се одигра со присуство на гледачи, но само околу 30 отсто од вкупниот капацитет на стадионот, а сите мораа да имаат негативен тест на коронавирусот и да носат маски.
Ова е прв пласман на некој мексикански клуб во финалето на Светското клупско првенство, а Тигрес за титула ќе се соочи со подобриот од дуелот меѓу африканскиот прват Ал Ајли од Египет и европскиот шампион минхенски Баерн, кој се игра во понеделник.
Сите победници ова натпреварување на ФИФА од 2013 годијна беа европските прваци.
Во дуелот за петтото место катарски Ал Духаил го совлада азискиот првак корејски Улсан Хундаи со 3:1