Најмалку 15 луѓе загинале а повеќе од 160 се водат како исчезнати на северот од Индија, по одронот на ледникот на Хималаи кој падна во локалната река предизвикувајќи остар пораст на водостојот во регионот.
Природната несреќа се случи во неделата утрото во округот Чамоли во сојузната индиска држава Утараканд на планинската верига Хималаи, околу 2.000 метри над нивото на морето.
Големата водна маса која носела парчиња од глечерот оштетила две хидроцентрали и пет мостови во речниот систем Алакнанде и однела патишта, принудувајќи ги властите да евакуираат десетици села во регионот.
Во спасувачката операција која е продолжена во текот на ноќта кон понеделникот пронајдени се 15 тела, соопшти полицијата. Се верува дека повеќето загинати и исчезнати во двете уништени хидроцентрали.
По несреќата како исчезнати биле пријавени 202 лица, но досега се спасени 25, соопшти во понеделникот на прес-конференција началникот на полицијата во сојузната држава, Ашок Кумар. Додаде дека продолжуваат напорите за спасување на уште 37 работници заробени во тунел на една од хидроцентралите.
„Од утрово ја интензивиравме операцијата на потрага по овие 30-ина работници. Спасивме 12 работници од вториот тунел во неделата“, изјави портпаролот на индиско-тибетската погранична полиција Вивек Пандеј додавајќи дека тешкиот терен, ниските теператури и калта ги отежнуваат спасувачките напори.
Сѐ уште не е позната причината за одронот на ледникот во Утараканд, но од претходно е познато дека оваа држава во западната област на Хималаи е подложна на ненадејни поплави и свлечишта. Во јуни 2013 година, кога беа забележани најобилните монсунски дождови во последните неколку децении во оваа област беа предизвикани големи поплави, во кои смртно настрадаа околу 6.000 луѓе.