Член на мисијата на СЗО во Вухан вели дека се несигурни податоците на САД за потеклото на вирусот

Американските разузнавачки податоци за наводното потекло на новиот коронавирус SARS-CoV-2 кој ја предизвика пандемијата на болеста Covid-19, не се веродостојни и сигурни, изјави член на мисијата на Светската здравствена организација (СЗО – WHO) во Кина во средата, откако Вашингтон ја проблематизираше транспарентноста на истрагата која ја водеше експертски тим на оваа организација на Обединетите нации заедно со кинески стручњаци.

Мисијата на експертите од СЗО заврши во вторникот без да го открие изворот на коронавирусот, но членовите на меѓународниот тим во текот на престојот во централниот кинески град Вухан каде што кон крајот на декември 2019 година беше првпат идентификуван вирусот SARS-CoV-2, се движеа по „тенок дипломатски мраз“, откако САД повикаа на „силна истрага“, а Кина апелираше тоа прашање да не се политизира.

Информациите протекуваа преку личните акаунти на Twitter на челновите на тимот во текот на мисијата, но повеќе поединости и мислења се појавија при подготовките за заминување од Кина.

Британскиот зоолог Питер Дажак, кој ја води невладината еколошка организација EcoHealth Alliance а беше член на тимот на СЗО во Вухан, нурна во мрачната геополитика зад приказните за изворот на пандемијата.

„Претседателот (на САД) Џо Бајден мора во поглед на Кина да делува цврсто“, објави Британецот на Twitter. „Ве молам немојте премногу да се потпирате на американските разузнавачки податоци – во голема мера обоени под (поранешниот американски претседател Доналд) Трамп и погрешни во многу аспекти“.

Дажак, исто така, објави дека тимот работел „темелно и брзо во политички извонредно набиени односи“.

Неговите оцени се поврзани со напис во кој се наведува дека американскиот Стејт департмент ја довел во прашање транспарентноста на кинеската соработка со мисијата на СЗО.

Портпарокот на дипломатијата на САД изјави дека Белата куќа „јасно ја поддржува истрагата“, но ја пренесе критиката за кинеското сокривање на информациите. Запрашан дали Кина целосно соработувала со тимот на СЗО, Прајс им рекол на новинарите дека одговорот сѐ уште не е јасен.

Дажак инаку со години соработува со Институтот за вирологија во Вухан во заедничките истражувања на коронавирусите. Тој е еден од најгласните поборници за природните причини за појавата на епидемијта и ја отфрла можноста дека вирусот „избегал“ од лабораторијата во Вухан како теорија на заговор која ја промовирал поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Сите западни земји, инаку, на полетокот од пандемијата го критикуваа Пекинг дека доцна ја информирал СЗО и дека ги минимизирал нејзините размери.

Минатата година Трамп ја запре финансиската поддршка за заедничките истражувања на непрофитната организација водена од Дажак со лабораторијата во Вухан, што научната заедница го осуди како политички потег.

Иако не го откри потеклото на вирусот една година по избувнувањето на пандемијата и претпостави дека за тоа ќе бидат потребни години, тимот странски експерти во Кина се согласи дека веројатно преминал од лилјак на непознат животински вид а потоа преку исхрана веројатно на човек.

Заклучија дека теоријтата за грешка во лабораторијата, којашто е француско-американски концепт, е „многу неверојатна“, а оставија простор за кинеските ставови дека вирусот во земјата стасал од странство или се проширил преку увезени замрзнати прехранбени продукти.

Неколку членови на тимот на СЗО изјавија дека добиле целосен притап до локациите и научниците како што барале, но холандската експертка за епидемиологија Теа Колсен Фишер рече дека не добиле сирови податоци и наместо тоа морале да се потпираат на кинеските анализи.