
Во Судот во Скопје во моментов во тек е излагањето на обвинителката Ленче Ристоска за случајот со кодно име „Таргет-Тврдина“. Во случајот првообвинет е екс шефот на УБК, Сашо Мијалков, а обвинети се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошкоски (двајцата избегаа во Грција и им се суди во отсуство), како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби и на 1 541 број или вкупно 5 827 телефонски броја. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани.