Брнз: Бугарското вето нанесува штета на повеќе нивоа

Кога станува збор за напредокот во Европската унија ние сме многу разочарани што Бугарија одлучи да го блокира почетокот на преговорите. Во повеќе наврати го кажавме тоа. Сепак, го гледаме како позитивен знак тоа што Северна Македонија и Бугарија продолжуваат да расправаат за билатералните прашања да се стават надвор од процесот со цел напредок во тој поглед. Ние и понатаму ќе се залагаме и ќе даваме поддршка во насока тие прашања да останат настрана од процесот на пристапни преговори, бидејќи тоа ќе овозможи напредок, вели американската амбасадорка, Кејт Брнз.

Во гостувањето на „Само интервју“, Брнз истакна дека решението на билатералните прашања ќе се постигне со билатерален дијалог.

„Мора на тој начин. И понатаму ќе се залагаме, ќе се бориме и ќе ја поддржуваме Северна Македонија да ги почне преговорите за ЕУ, ќе продолжиме да застапуваме билатералните прашања да бидат надвор од преговорите”, рече амбасадорката.

Таа оцени дека бугарското вето нанесува штета на повеќе нивоа, меѓу другото, предизвика и сомнеж кај народот во кредибилитетот на ЕУ и нејзината посветеност кон проширување.