
Премиерот Зоран Заев ја разбира одлуката на Либерално-демократската партија нејзините двајца пратеници да делуваат самостојно во Парламентот, но смета дека времето за ваквиот потег не е соодветно.
„Одлуката на ЛДП е донесена уште во текот на формирањето на владината коалиција и чекаа соодветен момент. Објаснувањето за ова е дека сакаат да имаат поголема видливост, бидејќи наводно помалите партии се претопени во поголемите и го разбирам тоа“, рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања по сведочењето во случајот „Титаник“.
Пред новинарите кажа и дека и во Беса размислувале за таква одлука па нивно право е дали со четворицата пратеници ќе одлучат да формираат пратеничка група.
Но, според Заев, одлуката на ЛДП во време кога опозицијата зборува за ново мнозинство во Парламентот, не е соодветна.
„Ваквиот исчекор на ЛДП е повредување на коалицискиот или заедничкиот настап. Не е потребно сега, можело да се почека 15 дена или месец дена, ама ЛДП е партија и сама си одлучува за тоа. Ова го сметам за удар на СДСМ, бидејќи времето не соодветно за таква одлука“, изјави Заев.