Силјановска Давкова: Македонија не смее да си дозволи фингиран попис

Потписите што опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги собира за поништување на новиот Закон за попис кој го изгласа парламентарното мнозинство, како и актуелните случувања во однос на мистериозно бегство и враќање на поранешниот директор на сега расформираната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК) , Сашо Мијалков, бвеа централните теми на кои во вечерашното издание на вестите на Сител телевизија зборуваше пратеничката проф. др Гордана Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ има полн легитимитет да собира потписи против одреден закон, во овој случај лош закон за попис, бидејќи и начинот на неговото донесување и неговата реализација се лоши. Според неа за вакви прашања мора да има консензус, односно сите политички партии да дадат свои мислења и забелешки, но власта немала слух за барањата на другите политички партии кои не се дел од парламентарното мнозинство.

„ВМРО-ДПМНЕ поднесе многу амандмани кои беа во насока да се поправи законот за попис, односно да бидат имплементирани голем број забелешки кои што ќе придонесеа за многу подобар закон за попис, но парламентарното мнозинство не сакаше да соработува и своеглаво сакаше да истурка таков закон. Кога парламентарците не сакаат да послушаат други колеги парламентарци, тогаш ќе мора да го послушаат народот. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ отпочна со собирање потписи, кои засега се навистина во импозантен број”, рече Силјановска Давкова.

Потсети дека Македонија од страна на меѓународните релевантни организации е категоризирана како земја во којашто владее ткн хибриден режим и токму затоа голем дел од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ не беа прифатени.

Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ предложи да се набават апарати за фингер принт, со што пописот би добил многу повеќе на легитимитет и релевантност, но власта не е за таков чекор, бидејќи со користењето на такви апарати нема да може да се фингираат бројките како што власта ги замислила.

„Пописот мора да биде статистичка операција којашто ќе обезбеди точни информации и бројки, бидејќи врз тие бројки се гради општеството и се сноси општествената грижа. За еден човек да биде попишан, мора да биде секојдневно тука, тоа значи да живее тука и да не е човек кој мигрира и во Република Македонија не престојува предолго време. Тие луѓе не би требало да се попишуваат, бидејќи така голем број на села и градови ќе имаат огромни населенија, а всушност се празни“, заклучи Силјановска Давкова.