Сине под казна си, марш надвор да си играш!

Играње со џамлии, ластик, жмурка, граница, плочка, народна, ова се само дел од друштвените игри за кои денешните деца немаат претстава. Седејќи пред своите компјутери, таблети и телевизори, овие деца несвесно стануваат робови на модерната технологија, не забележувајќи дека залудно им поминува најубавиот дел од животот, безгрижното детство.

Наместо цртаните филмови со духовита содржина и среќен крај, децата денес гледаат цртани и играат игри од кои повеќето се со насилна содржина. И додека порано гледавме секој можен миг од слободното време да го искористиме играјќи си со децата од маало, денешните деца како да се заковани за столиците пред нивните „нови другарчиња“, компјутерите. Денес казна за нив би било доколку ги пратиш надвор да си играат цел ден и не им дозволиш да бидат пре компјутер.

Психолозите велат дека сржта на проблемот лежи во социјалната средина, компјутеризацијата, но и кај родителите, кои поради брзото темпо на живот за своите деца имаат се помалку време.

– Родителите се повеќе се оттуѓени од своите деца во потрага по егзистенција. Децата се препуштени сами на себе, а тогаш најдостапно друштво им е компјутерот. Интернетот уште повеќе ги оттуѓува луѓето, а оттуѓувањето си носи свои психолошки проблеми, вели психологот Милка Ололоска.

Таа додава дека денешните деца живеат во еден виртуелен свет. Тие немаат филтри и неселективно гледаат или играат игри, емисии или цртани со насилна содржина.

– Децата живеат во еден виртуелен свет, играат мрежни игри он – лајн, а меѓусебно не се познаваат. Телевизорите станаа она што некогаш беа другарите. Децата немаат филтри и неселективно гледаат цртани, емисии или пак играат игрици со насилна содржина, па затоа се почесто ќе наидуваме на расправии, тепачки, вели Ололоска која додава дека најмалите немаат каде да ја истурат негативната енергија, која некогаш си исфрлала низ играта.

Ололоска вели дека со текот на времето семејството, кое сега дури брои помалку членови за разлика од порано се повеќе станува интерно кога станува збор за емотивноста. Постојано приказната се врти околу парите или престижот – или борба за да се преживее или пак борба за што поголем престиж. Целиот муабет при дружба се сведува на пари и политика, а детето впива се од возрасните, додава таа.

Детето има потреба од време, тоа бара нешто повеќе од пружен половина час дружба, а темпото на живот едноставно тоа не им го дозволува на родителите. Меѓутоа никогаш не е доцна за промени, вели Ололоска.

– Децата повеќе не знаат како да си играат, се изгуби пристапот. Родителот повеќе нема толкава контрола за тоа што прави детето, со кого се дружи, што игра. Никогаш не е доцна за работите да се сменат. Училиштата преку дополнителни часови треба да ги анимираат децата во овој поглед, исто така и медиумите, но и телевизиите со емисии и цртани филмови, бидејќи децата учат по шема, вели таа.

Психологот Мирослав Тодоровски смета дека главниот проблем на се поголемата несоцијализација на децата лежи во компјутеризацијата, но вели дека огромно влијание во овој процес има и средината во која живееме.

Тој додава дека факторите на промени најмногу се наоѓаат во училиштата и семејството, но дека огромно е влијанието на општеството во кое живееме.

Сите сме свесни за овој проблем, кој е од глобален размер, но ни преостанува само да се потсетуваме на едно весело детство исполнето со среќни мигови, дружба, па и по некоја ситна расправија.