Неделава Република Македонија излезе на меѓународниот пазар на капитал и ја издаде осмата еврообврзница. Оваа аукција беше вистински успех за нас, бидејќи покажа дека меѓународните инвеститори имаат голема доверба во нашата економија, како и во нејзината перспектива. Огромниот интерес на инвеститорите за еврообврзницата (за 2,3 пати повисок од понудата), како и постигнатата каматна стапка од 1,625% – која е историски најниска, говорат дека политиките кои се спроведуваат се високо вреднувани и дека инвеститорите ја сметаат нашата економија за нискоризична, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во својата колумна.
-Споредбено гледано, просекот на каматите од сите претходно издадени еврвообврзници изнесува 5,05% и е за 3,1 пати повисок од оваа камата на последната еврообврзница. Ние сме членка на НАТО, пред отворање на преговори за членство во ЕУ со стабилна политичка клима и релаксирани меѓуетнички односи, со кредибилни економски политики со јасна поставена среднорочна перспектива за фискална консолидација и раст, кои влијаат на довербата кај инвеститорите, дури и во услови на пандемија. Успехот во издавањето на осмата еврообврзница, исто така, беше резултат на неисцрпната работа на професионалната администрација во Mинистерството за финансии, кои директно беа вклучени во процесот на подготовка на издавањето на еврообврзницата и конозорциумот на светски реномирани банки кои не’ поддржаа во овој процес, како и сите ресорни министерства и институции кои дадоа свој придонес во подготовката на Проспектот за профилот на нашата економија.