
Сојузот на стопански комори на Македонија, Здружението на бизнис жени и Федерацијата на фармери покренуваат иницијатива за формирање на посебен фонд за финансиска поддршка на женското претприемништво и бара да се овозможи изготвување на родово поделени статистики за справување со проблемите од кризата. Овие бизнис асоцијации бараат да се креираат и специфични мерки за заздравување на женското претприемништво.
Од Здружението на бизнис жени велат дека во услови на пандемија женското претприемништво претрпе сериозни последици, а поддршката многу често е недостапна за претпријатијата во сопственост на жени.
– Деловната активност на жените е најчесто во микро и мал сегмент кој е на стаклени нозе и се покажа за особено ранлив во услови на криза како оваа предизвикана од пандемијата. Во изминативе години работевме на зајакнување и зголемување на овие претпријатија, некои имаа поголем, некои помал напредок, но тој напредок се изгуби со пандемијата. Дел не можеа да ги искористат можностите за користење на мерките бидејќи немаат знаење ни можности да се посветат на апликациите, додека дел не можеа да ги исполнат критериумите затоа што имаат намален број вработени поради ударот од кризата, и така се создаваат се поголем број затворени микро и мали претпријатија и уште поголем број невработени. Товарот на згрижување на фамилијата, учење од дома, и работа од дома најчесто паѓа на жените претприемачи кои водат микро и мали претпријатија – вели Валентина Дисоска претседател на Здружението на бизнис жени.
Таа додава дека е потребно изготвување на родово поделени статистики за справување со проблемите од кризата и да се креираат специфични мерки за заздравување на женското претприемништво.
Според Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери пандемијата дополнитлено ги истакнува проблемите со кои се соочуваат жените од руралните средини, Нивната работата е зголемена, а труд не е вреднуван.
Анкетата направена кај нив покажува дека 21 отсто од жените го намалиле обемот на работа заради потреба од дополнителна грижа во домот. Околу 64отсто не се активни на пазарот на трудот заради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47 отсто од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми.
– Сакаме уште еднаш да истакнеме дека бараме реализација на мерката 115 од Програмата за финансиска поддршка за рурален развој која не е реализирана од 2019 година односно сѐ уште не се објавени резултатите од апликациите за 100 руралните жени кои треба да добијат грантови во насока инвестирање за јакнење на нивното земјоделско стопанство. Добро е што оваа мерка е влезена и во Програмата за финансиска поддршка за рурален развој 2021 година, но важно е да има реализација односно средствата да стигнат до претприемачките – вели Мојсовска.
Од Сојузот на стопански комори, пак, сметаат дека жените претприемачи имаат потреба од ефективна поддршка сега повеќе од кога и да било.
– Жените претприемачи краткорочно ја насочуваат, адаптираат и пренаменуваат својата деловна активност, но имаат голема потреба за подобри можности за обука, финансиска поддршка и помош при планирање и реструктуирање на деловните активности. Во таа насока по примерот на многу други земји бараме и кај нас да се формира посебен фонд за поддршка на женското претприемништво кое е значително погодено од ковид кризата и да се креираат специфични мерки за заздравување на претпријатијата раководени од жени. Во досегашните пакети за економска помош имаше многу скромна поддршка за овој важен сегмент на економијата – изјави Кулабанова, потпретседателка на Сојузот на стопански комори.
Според неа, на жените им е потребна поголема поддршка преку пристапот до финансии и фондови, до информации, пристап до знаење и стекнување на нови вештини, но и поддршка за ускладување на работните и семејните обврски.