Мултимилијардерката Макензи Скот, поранешната сопруга на основачот на „Амазон“, Џеф Безос, повторно се венчала, за професор во средно училиште – Ден Џувет.
Макензи последните месеци стана позната како личност која дала најмногу пари во добротворни цели. „Форбс“ проценува дека располага со 53 милијарди долари, а минатата година донирала околу 6 милијарди. Како што објавила претходно, поголемиот дел од своето богатство сака да го подел во хуманитарни цели.
Освен што му помогнала на Безос да го поткрене „Амазон“, Мекензи напишала и два романи. На страницата на „Амазон“ сега пишува дека ‘живее во Сиетл со своите четири деца и сопругот Ден’. Веста за венчавката први ја објавија „Волт стрит журнал“.
На интернет страницата на невладината организација „Giving Pledge“, објавено е писмо од Ден Џувет, наставник по природни науки во училиштето во Сиетл каде што учат децата на Макензи Скот. Џувет порачува дека е благодарен на исклучителната привилегија што ќе ја има во партнерството, донирајќи пари кои потенцијално можат да направат многу добро.
„По игра на случајност се оженив со една од најхуманите и најљубезните личности кои ги познавам и ѝ се придружив во обврската да го пренесам понатаму огромното финансиско богатство кое ќе им помогне на другите“, објавил Ден Џувет.
Здружението „Giving Pledge“ го покренале во 2010-та година Бил Гејтс, неговата сопруга Мелинда и Ворен Бафет. Потписниците велат дека ќе поделат голем дел од своето богатство.
Макензи Скот не е посебна само по износот кој го поделила во хуманитарни цели, туку и по тоа што парите ги дала без комплицирани бирократски условувања кои им го загорчуваат животот на хуманитарните здруженија.
„Оствари огромно влијание“, вели Грејс Сато од здружението „Candid“ и додала дека начинот на кој таа ги дава парите ги менува трендовите.
Макензи Скот била во брак со Џеф Безос 25 години. Се разведоа во 2019-та година, а по спогодбата таа добила 4 отсто од акциите на Амазон.
Џеф Безос за новинарите рекол дека Ден е прекрасен и дека тој е многу среќен и возбуден за двајцата, пренесува „Њујорк тајмс“.