САД следат руско ширење на дезинформации за вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“

Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, изјави дека администрацијата на претседателот Џозеф Бајден ги следи напорите на руските разузнавачки служби што се насочени кон поткопување на вакцините против корона вирусот на компаниите „Модерна“ и „Фајзер“ .

-Ние сме свесни за тоа, ги следиме и преземаме чекори за решавање – изјави Псаки пред новинарите.

Според неа, САД со сите средства ќе се борат против руските дезинформации.

-Секако дека сме запознаени со пристапот и тактиката на руските напори за дезинформации. Администрацијата на претседателот Бајден во секоја прилика ќе повтори дека вакцините се безбедни – изјави Псаки.

Таа соопшти дека САД идентификувале три интерент публикации исфабрикувани од руското разузнавање, за кои тврди дека имаат тенденција да ги поткопаат вакцините против Ковид -19 произведени од „Фајзер“ и „Модерна“.

-Тие ширеа многу видови дезинформации, вклучувајќи ги и оние за вакцините на „Фајзер“ и на „Модерна“, како и за меѓународните организации, воените конфликти, протестите и какво било прашање на поделба што тие можат да го искористат – изјави Псаки.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го демантираше американското тврдење дека Русија шири лажни информации за вакцините.