
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 1-ви до 70ми март 2021 година, тестирани се вкупно 21.090 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 4,6 отсто во однос на претходниот седумдневен период, а со нив се регистрирани сe 4.463 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со зголемување од 23,0 отсто во однос на минатата седмица.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=2.160; 48,3 отсто), со неделна инциденца – 349,7/100.000. Највисока неделна инциденца од 847,9/100.000 е регистрирана во Неготино (заедно со Демир Капија)
Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 13,2 до 26,7 отсто, или во просек 20,9 проценти, или за 3 отсто повеќе во споредба со минатата седмица.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=1.026, 23,0%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 (n=895; 20,1%), 40-49 (n=803; 17,8%), 50-59 (n=778; 17,4%) и 20-29 (n=626; 14,0%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=104; 2,3%) и 10-19 години (n=231; 5,2%).
По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 3.895 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, зголемен за 2,2 пати во споредба со минатиот седумдневен период.
Пријавени се 57 смртни случаи од 16 градови, 17,4 отсто помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 50 лицa биле над 60 години, 5 лица на возраст од 50-59 години и по едно лице од возрасните групи 30-39 и 40-49 години.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Covid-19 за периодот од 1 до 7 март 2021 година, како и кумулативната состојба со епидемијата во Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.