Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка ја намали основната каматната стапка на ниво од 1,25 отсто што е намалување за 0,25 процентни поени.
Во образложението од Централната банка велат дека одлуката за понатамошно монетарно олабавување се носи во услови на стабилни движења на девизниот пазар и умерена динамика на инфлацијата, а додека сѐ уште постои неизвесност за здравствената криза и влијанието врз патеката на закрепнување на економијата.
Во прилог на одлуката е и понагласениот приспособлив карактер на ЕЦБ заради одржување на поволните финансиски услови во подолг период.
– Натамошното олабавување на монетарната политика е заради дополнително олеснување на финансиските услови и натамошна поддршка на домашната економија, имајќи го предвид тековниот развој на пандемијата, којашто сѐ уште трае – велат од НБ.
Комитетот оцени и дека ослободената ликвидност изминатата година од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денеска да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.
Понатамошното олабавување на монетарната политика се очекува да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките и натамошна кредитна поддршка на приватниот сектор, заради ублажување на ефектите од пандемијата врз домашната економија.