Продолжен карантинот во Грција, училиштата затворени до крајот на март

До 29-ти март ќе бидат затворени основните и средните училишта во цела Грција а од вторник онлајн настава ќе следат и учениците во деловите од земјата каде што се одржуваше редовна настава со физичко присуство, а паралелно карантинот и рестрикциите во Грција се продолжуваат за уште една седмица, изјави заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас, во петокот попладнетно соопштувајќи ги одлуките по препораките од надлежната епидемиолошка комисија.

Грција и натаму е поделена во две зони „темноцрвена“ која означува „многу зголемена опасност“ и „црвена“ или „зголемена опасност“, согласно епидемиолошката слика во секој од регионите.

Во „темноцрвената зона“ се областа Атика, поширокиот дел главниот град Атина, Солун и уште 26 други региони од кои осум беа додадени денеска во сила се построги рестрикции, односно целосен карантин со полицискиот час од 19 часот навечер до 5 часот наутро, со исклучок на Солун и Атина, каде што од понеделник до петок мерката на сила е од 21, а само за викендите од 19 часот.

Во „црвената“ зона полицискиот час е од 21 часот, додека, пак, досега учениците од основните и дел од средните училишта следеа настава со физичко присуство, нешто што од вторник нема повеќе да важи. Актуелните рестрикции на сила ќе бидат до 22-ри март 2021 година.

Хардаљас рече и дека надлежната комисија дала позитивна препорака за отворање на малопродажбата, но кога тоа ќе го дозволи епидемиолошката слика.

Грција од 7-ми ноември 2020 година е во карантин и со воведен полициски час, со исклучок на мали временски периоди кога постоеше олабавување на мерки, додека пак областа Атика во строг карантин е веќе еден месец.

Во изминатите 24-часа во Грција се регистрирани 2.405 нови случаи на коронаинфекции, од кои 1.137 од новозаразените се во областа Атика, починале 49 лица, а 521 пациент е приклучен на апарати на одделите за интензивна нега.

Од почетокот на епидемијата во Грција има 217.018 потврдени случаи на заразата, а пријавени се 6.986 смртни исходи поврзани со Covid-19.

Професорката епидемиолог Вана Папаевангелу на денешната редовна прес-конференција рече дека минатата седмица се зголемил бројот на хоспитализирани со прием на 400 пациенти дневно, додека пак во изминатите два дена оваа бројка достигнала до над 500 пациенти.

Додаде дека е зголемен притисокот врз здравствениот систем, особено во областа Атика, поширокиот регион на Атина каде што се исполнети 92 отсто од капацитетите на одделите за интензивна нега наменети за ковид-пациенти.

Во однос на процесот на имунизација, професорката рече дека досега се спроведени над 1,2 милиони вакцинации, 7,8 отсто од населението ја примило првата доза, а со двете дози вакцинирани се 3,6 отсто од граѓаните и истакна дека вакцинацијата спречила 12.000 нови случаи.