
Владата нема цврст договор кога треба да пристигнат вакцините, потврди во петокот лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, со што јасно ги разобличи лажните најави на неговиот коалиционен портнер во власта премиерот Зоран Заев дека во Македонија ќе пристигна 2,5 милиони вакцини против коронавирусот.
„Тврдењето за два ипол милиона вакцини, или 200.000 вакцини, тоа е само на список. Меѓутоа ние немаме цврст договор кога треба да пристигнат вакцините. Значи, требало непосредно, клучно било непосредно спогодување со производителите, со лобирање, со трчање, со директно обраќање до премиерите на земјите“, посочи Трајанов.
Според челникот на помалиот коалициски партнер на владејачкиот СДСМ, власта нема оправдување зошто доцнат вакцините во Македонија, додавајќи дека аферата која ја обелодени италијанскиот весник La Verita треба до крај да се расчисти без разлика кој сѐ бил вклучен во разговорите и преговорите, укажувајќи дека во јавноста се шпекулира дека основач на фирмата во Хонгконг е лице кое е присутно во јавноста во сите криминални афери.
„Мислам дека доцниме и нема оправдување зошто доцниме. А околу оваа афера, нашиот став е таа докрај да се расчисти. Ако и оваа афера, којашто директно е врзана со здравјето на граѓаните, ако имало обид за корупција или што и да друго, тоа мора да се расчисти. И доколку се докажи дека намерата била сосема поинаква, односно дека имало корумптивна елементи, тогаш треба да се понесе одговорност, без разлика кој на кое ниво било и кој се бил вклучен во овие разговори и преговори“, истакна Трајанов.
„Еден клучен елемент за кој што се шпекулира е кој е основач на фирмата во Хонг Конг, двајца или тројца основачи. Или не знам една или две фирми кои што се вклучени. Натаму се зборува за еден посредник кој е многу присутен во јавноста во сите криминални афери, ако истата персона е вклучена и тука тогаш работава смрди дека тука нешто не било чисто“, додаде Трајанов.